
Штип, 17 мај 2022 (МИА) – Започна уредувањето на просторот пред основното училиште „Тошо Арсов“ во Штип, како и уредувањето на тротоарите во населба Осми ноември. Стартот денеска го означи градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Средствата се обезбедени од буџетот на Општината.
-Од денес започнуваме со активности за уредување на просторот и платото пред основното училиште „Тошо Арсов“ како и тротоарските површини и пристапите до неколку згради во населбата Осми ноември. Инаку, во наредниот период комплетно ќе се осветлат претходно асфалтираните и уредените паркинг – простори во населбата и со тоа целосно ќе го уредиме овој дел од населбата. Станува збор за инвестиција над еден милион денари, пари на граѓаните. Нашата цел е да ги уредиме и урбанизираме заборавените места, а така ќе продолжиме и во наредните месеци, во други населби ќе го уредиме запоставениот простор, вели Јорданов.
За граѓаните кои живеат во овој дел од градот поставувањето на нови тротоарски површини е повеќе од значајно, бидејќи, како што истакнаа, досега газеле во кал.
Јорданов истакна дека со оваа динамика ќе се продолжи и во наредниот период со цел Штип да го добие ликот кој го заслужува. вдј/рп/