Дописници МКДОпштински вести

Семејството Салиеви од Делчево бараат поддршка од државата за решавање на нивниот статус со домувањето

Немањето сопствен дом и прибежиште каде да ја поминат претстојната зима е голем проблем со кој се соочува делчевецот Зекимерем Салиев и неговите четири деца. Таткото Зекимерем кој пред два месеци ја изгуби сопругата која починала од срцев удар, денеска пред медиумите побара поддршка од државата за решавање на статусот со домувањето, со кој се соочува тој и неговите дечиња.

Делчево, 16 август 2022 (МИА) – Немањето сопствен дом и прибежиште каде да ја поминат претстојната зима е голем проблем со кој се соочува делчевецот Зекимерем Салиев и неговите четири деца. Таткото Зекимерем кој пред два месеци ја изгуби сопругата која починала од срцев удар, денеска пред медиумите побара поддршка од државата за решавање на статусот со домувањето, со кој се соочува тој и неговите дечиња.

-Тука во оваа куќа сум со четири деца, од 1 септември газдата сака да ја продаде куќата и треба да излеземе. Поднесов документи до Центарот за социјални работи, одговор уште немам. Со градоначалникот разговарав рече дека има листа на чекање за во делчевското прифатилиште и треба да чекам година до две. А јас со четири деца нема каде да одам. Сакам да ми помогне државата да бидеме сместени негде, вели Салиев.

По смртта на неговата сопруга, грижата за неговите деца потпаднала целосно на Зекимерем кој работи градежништво таму каде ќе го повикаат. Од државата има примања во висина од над 6000 денари, кои досега ги давал за кирија, а со заработеното од приватната работа го гледал семејството.

-Кога има работиме, кога нема ги гледам децата. Едната ќерка заврши школо, другите деца учат во Делчево. Колку можам им помагам, како родител мора да се снаоѓам. Со сопругата живеевме заедно 15 години и заеднички се снаоѓавме. Значи нема каде да одиме, нема чаре, да сум сам ќе се снајдам, но со деца еве зима иде, нема каде да одам. Децата на школо ли да одат или по улиците да одат, додаде Салиев.

Зоран Биковски од Невладината организација КХАМ вели дека целосно се запознаени со случајот, апелирајки институциите да бидат ажурни, да не се остави случајот сам на себе, пред се во делот на остварување на неговите социјални и здравствени права кои му припаѓаат.

-Го помогнавме семејството да поднесе документи за станови за неосигурени лица, му помогнавме да поднесе барање за надоместок за посмртница за умрено лице. Оттука можеме само да апелираме да се спроведе кејс-менаџментот, Центарот за социјални работи да направи добар план за инклузија на лицето, а од наша страна ќе помогнеме во делот на активација да биде вклучен во процесот на трудот. Во моментот тече и проектот Јавни работи кој е наменет токму за такви ранливи категории на граѓани, па затоа очекувам и локалната самоуправа активно да се вклучи во решавањето на овој случај, рече Биковски.

Граѓанскиот сектор ќе му помогне на ова семејство и хуманитарно, а според Биковски потребно е да се апелира и од Центарот за социјални работи и од локалната смоуправа дека случајот е критичен, но и да се почне со системски решенија за ваквите и слични проблеми.

-Доколку имаме објекти од типот на касарна или објекти кои се дадени во општински служби или се под Општината, да се даде можност лицата да се сместуваат, се до нивна инклузија, за да можат тие понатаму да продолжат со своето нормално живеење, додаде Биковски.

За ваквите и слични од НВО „КХАМ“ најавија дека и понатаму ќе алармираат се со цел овозможување достојни услови за живот на ранливите категории граѓани. вс/рп/

Таг
Back to top button
Close
Close