Дописници МКДОпштински вести

Ротаракт клубот Кочани – Виница се вклучува во акцијата „Донирај компјутер“

Активноста се реализира во соработка со невладината организација „Донирај компјутер“ од Кавадарци, а од Клубот ги повикуваат сите граѓани и правни субјекти кои имаат компјутери или компјутерски делови што не им се потребни, да се приклучат на иницијативата.

Кочани, 25 ноември 2021 (МИА) – Ротаракт клубот Кочани – Виница се вклучува во иницијативата за донирање компјутери за деца чии семејства не се во финансиска можност да им ги обезбедат.

Активноста се реализира во соработка со невладината организација „Донирај компјутер“ од Кавадарци, а од Клубот ги повикуваат сите граѓани и правни субјекти кои имаат компјутери или компјутерски делови што не им се потребни, да се приклучат на иницијативата.

-Поттикнати од барањето на родител од Кочани кој не можел да му обезбеди компјутер на своето дете, ја почнавме оваа иницијатива што не е временски ограничена. Во акцијата со свои донации можат да учествуваат лица од општините од регионот, при што минималната прифатлива компјутерска конфигурација е двојадрен процесор, два гигабајти РАМ меморија и минимум хард диск од 16 гигабајти. Заинтересираните можат да нè контактираат преку електронската пошта rotaractclubkochanivinica@gmail.com или на социјалните медиуми. Подигањето и транспортот на донираните компјутери или компјутерски делови ќе го организира нашиот клуб, истакна Христина Накова, претседателка на Ротаракт клубот Кочани -иница.

Прибраните компјутери ќе бидат комплетирани, реставрирани и ставени во функција, по што ќе им бидат донирани на ученици од социјално загрозени семејства на територијата на општините Кочани и Виница.

Младите членови на Ротаракт клубот Кочани – Виница даваат целосна поддршка на иницијативата секое семејство во државата да има барем по еден компјутер, со оглед што тој веќе не е луксуз, туку потребна алатка за учење. та/мч/

Back to top button
Close
Close