0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДСторија

Ретки птици во каменото царство на Демиркаписка Клисура

Во цела Европа, Демир Капија е место каде има најретки видови птици и најголем број, околу 150 различни видови. Се смета за најголем орнитолошки центар во Европа. Огромно природно богатство.

Демир Капија, 2 октомври 2022 (МИА) – Во цела Европа, Демир Капија е место каде има најретки видови птици и најголем број, околу 150 различни видови. Се смета за најголем орнитолошки центар во Европа. Огромно природно богатство.

Вака неодамна им раскажуваше на своите ученици наставничката по биологија Гордана Крстевска, откако зградата на демиркапиското училиште доби мурал со насликан египетски мршојадец или кања. Таа ги подучи дека треба да ја рашират пораката да се внимава, да не се расфрла отров наоколу, со цел да се заштитат ретките птици египетски и белоглав мршојадец, за да не бидат истребени како другите два загрозени видови, црниот и брадестиот, што постоеле до некаде во 1980-1985 година. Египетскиот и белоглавиот се на работ на истребување. Се наоѓаат на листата на загрозени видови.

– Ние мораме уште од мали да се научиме, да се едуцираме. Малку се единките кај нас и треба да научиме како, на кој начин да им пренесеме на другите. Дека во алката на синџирот на природата многу се важни и да не се фрла отров, за да не се отрујат. Бидејќи, што се случува? Луѓе коишто чуваат стока, се плашат нормално од волци и лисици, тие фрлаат отровни мамки преку некое парче месо. Ќе дојде волкот, ќе се отруе и ќе умре. Оваа птица јаде, нели, само мртви животни, и ќе се отруе и таа, раскажуваше наставничката.

Така, за жал, бил направен помор на голем број вакви видови птици во минатото.

– Во почетокот на деведесеттите години од минатиот век биле 120 единки во Македонија, а сега само околу 12,13 пара. Мораме да ги заштитиме. Во Демир Капија постојат и две хранилишта, затоа што животинскиот свет се води по еден инстинкт. Ако знаат дека нема доволно храна за нив, тие не создаваат потомство. Кажано по наше, штом за мене нема храна, ќе нема и за моето дете. А кога ќе знаат дека има доволно храна, секој пар ќе создава барем по едно ново младенче, појасни Крстевска.

Таа ги потсети во цртани филмови мршојадците како се претставени, немаат ништо на вратот, најголемите лешинари, така некако најнепривлечните, па уште од мали имаат погрешна слика за нив.

– Всушност, гледаме каква улога имаат тие во природата и во одржувањето на еколошката рамнотежа, децидна беше таа.

Ги информираше дека кањите се птици преселници. Поминуваат дури и по пет илјади километри, неколку континенти.

– Тука има континентално-медитеранска клима изменета, тие сега есента се враќаат на југ, одат дури до Средна Африка и Азија. Пролетта пак ни идат.  Кога се тука, живеат горе на карпите, каде човек не може да пристапи. Зошто, затоа што ако дојде човек, тие се вознемируваат и бегаат. Дури и да имаат јајце или мало пиле, ако видат дека има човек во близина, тие може да го остават и да заминат. Затоа одат во најстрмните карпи и таму ги полагаат јајцата. Отприлика, едно јајце може да испилат, кањата до две. Околу шеесет дена и таткото и мајката се грижат за јајцето додека се испили. После тоа, околу два месеца го чуваат и го хранат, им соопшти наставничката.

Особено интересен беше делот од раскажувањата дека после тоа, подмладокот го оставаат на работ на карпите и му ставаат до знаење дека дошло време за летање и за самостојно снаоѓање во животот. Воден од природните инстинкти, самостојно да се снаоѓа за храна.

Само кањата, рече, се смета за птица што може да искористи камче и да скапе некое јајце некогаш и да се снајде, ако е прегладнета, ако две недели нема храна, две седмици е максималниот период што може да го издржи без да јаде.

– Обично одат во парови и во цели јата или колонии. Имаат толку остар вид, на три километри можат да забележат мртво зајаче, на пример. На шест километри, некое поголемо умрено животно. Тие се на растојание на три километри и некоја од птиците ако забележи дека има угинато животно, го менува курсот на летање. На тој начин дава знак на соседната птица. Така една по една си сигнализираат. Сите идат на местото каде што треба да примат храна, за да имаат енергија за да можат да летаат, раскажуваше Крстевска.

Дали мршојадец може да убие мирно животно кое не може да му даде отпор, беше едно од прашањата на љубопитните ученици.

– Не. Не само што не убиваат животни, туку мршојадците, јадејќи мрша или угинати животни, ги спасуваат луѓето од ширење смрдеа, непријатна миризба, штетни бактерии и микроорганизми, болести. Тие ни се од голема корист. Тие се своевидни чистачи во природата. Природна чистачка служба што спасува од пренесување тешки заразни болести како бруцелоза, туберкулоза и други. Целта е да се потрудиме да им овозможиме да создаваат поголемо потомство, затоа што многу ни помагаат, појасни наставничката.

Таа се осврна и на потребата да се организираат настани за подигнување на свеста за нивна заштита и да се обезбедат донации за обезбедување храна за нив. За опасноста од криволов. Говореше за нивните гнезда направени од гранчиња и кал во карпите, за неопходноста од тоа да не се вознемируваат. Посочи дека во Македонија, овие единки, освен во Демиркаписка клисура, ги има и на Тиквешко Езеро и Витачево, како и во прилепско Мариово. Или, вкупно 12 пара египетски и 10 пара белоглав мршојадец во државата.

Крстевска беше категорична дека цели 20 години Македонското еколошко друштво работи на стабилизација на бројот на овие единки,  особено последните пет години. Рече дека е неопходна и понатамошна  едукација за подигнување на свеста за заштита. Да се стабилизира и зголеми нивниот број,  па и да се изнајде начин да се вратат двата вида мршојадци што исчезнаа во минатото.

Проектот за заштита на мршојадците го спроведува Македонското еколошко друштво, а активностите во Демир Капија се во соработка со еколошкото друштво „Јужна еколошка станица” и „Макгеопарк”.

Ненад Петровски од Македонското еколошко друштво, меѓу другото, се осврна на специфичната геоморфологија, локација, клима, високите карпи и мало вознемирување. Притоа нагласи дека присуството на различни видови птици во Демир Капија како мало место е во огромна бројка и во светски рамки. Беше дециден дека овде се чести огромен број птици, што ретко се среќаваат во Европа. Дека има потенцијал за развој на туризмот, по примерот на места во светот, што ја искористиле предноста што им ја дала природата. Порача заеднички да се сочува ова богатство, што е бисер во Северна Македонија.

Во рамките на проектот, во музејот беше промовирана и идејата за вина со етикета на којашто има насликано мршојадец. Авторот на оваа идеја, Звонимир Будимировиќ појасни дека првите вина полнети во винарницата „Стоби” се репрезентативни, а во иднина со секое купено шише од ова вино, ќе се донира за заштита на мршојадците во Демир Капија.

Будимировиќ рече дека отсекогаш постоела желбата во музејот да има и орнитолошки дел, како дел од природните реткости на Демир Капија, со цел развој на туризмот.

Светлана Дарудова

Таг
Back to top button
Close
Close