Посетете ја новата веб страна на МИА
Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Протест на Независниот синдикат на полицијата пред ОВР – Кочани поради суспензија на полициски службеници

Од собирот беше упатено барање до началникот на ОВР – Кочани и до Министерството за внатрешни работи да ги преиспитаат причините за изречените казни и поднесените кривични пријави против полицајците, кои се обвинети за злоупотреба на службената должност и овластувањата.

Кочани, 4 декември 2022 (МИА) – Независниот синдикат на полицијата денеска организираше протест пред Одделението за внатрешни работи во Кочани поради суспендирање на четворица полициски службеници.

Од собирот беше упатено барање до началникот на ОВР – Кочани и до Министерството за внатрешни работи да ги преиспитаат причините за изречените казни и поднесените кривични пријави против полицајците, кои се обвинети за злоупотреба на службената должност и овластувањата.

– Работата е многу сериозна, затоа што четири лица ќе си заминат, не само од Македонија, туку и од Балканот, па и пасошите ги кинат. Тие добија четири суспензии, неосновано, без да се помине процедурата и постапката што е предвидена во МВР, без согласност на одредени лица кои требало да ги поминат насоките што ги дал началникот на ОВР – Кочани. Министерот за внатрешни работи потпишал решенија за суспензиите и треба да каже кои се причините за тоа. Исто така, го повикуваме и Македонскиот полициски синдикат да ни се придружи и да ја поткрепи работата на Независниот синдикат, за да се расчистат сите небулози што се случуваат во полицијата, истакна Гоце Делчев Тодев, престедател на Независниот синдикат на полицијата.

Од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, во чиј состав е и Независниот синдикат на полицијата, повикаа да прекинат неоснованите суспендирања од работа, како што се во Кочани, Битола, Тетово и други градови.

– Ова е неиздржливо и апелираме да се спушти топката, подготвени сме за разговори и преговори. Ако некој не сака да го слушне нашиот глас, зборувам во име на сите независни синдикати, тогаш ќе мора да ги повикаме и граѓаните. Апелирам, за колегите кои се суспендирани, ова да престане, затоа што не им се овозможува на полицајците да си ја работат работата за која се платени, а некој се изживува врз нив. Во оваа криза, некој да ги брка од работа овие луѓе кои се подготвени и животот да го дадат за државата, тоа е неиздржливо и ние нема веќе да молчиме, истакна Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

Поддршка на протестот дадоа и претставници на Полицискиот синдикат на Република Србија, кој е дел од Балканската полициска унија, како и од Шумската, Судската и Затворската полиција, од специјалните полициски единици и пензионирани полициски службеници. та/цр

Таг
Back to top button
Close
Close