Дописници МКДОпштински вести

Протест на жители од Кумановско, бараат алтернативен пат, мост и сигнализација додека трае санацијата на столбот на Искрин мост

Повторно протестираа жители од села од поранешната општина Орашац, Кумановско, и сопственици на викендички на регионалниот пат Куманово - Свети Николе и побараа изградба на соодветен алтернативен пат, мост и сигнализација, сè додека трае санацијата на столбот на Искрин мост. Жителите истакнаа дека сегашниот алтернативен пат и мост се небезбедни за сообраќај.

Куманово, 22 септември 2021 (МИА) – Повторно протестираа жители од села од поранешната општина Орашац, Кумановско, и сопственици на викендички на регионалниот пат Куманово – Свети Николе и побараа изградба на соодветен алтернативен пат, мост и сигнализација, сè додека трае санацијата на столбот на Искрин мост. Жителите истакнаа дека сегашниот алтернативен пат и мост се небезбедни за сообраќај.
– Да се асфалтира, да се направи тој алтернативен мост и да се стави патна сигнализација. Камионите константно поминуваат тука, изјави Дејан Петровиќ.
Стојанка Петровска рече дека сегашниот алтерантивен пат е небезбеден, а во овие села живеат постари луѓе на кои им е неопходна секојдневна достава на лекови.
– Бараме патот да се направи, поради патот децата не одат на училиште, следат онлајн настава, сега до петок, а понатаму ќе нè известат. Треба соодветно да се означено, изјави Орце Трајковски, претставник на МЗ Орашац.

Жителите од селата велат дека не можат да стигнат навремено на работа, дека често се случува патници од други градови и соседни држави да завршат во реката, бидејќи патот не е добро означен. Учесниците на протестот најавија дека ќе продолжат со блокади.

Искрин мост беше затворен на барање на изведувачот поради оштетувања на столбот C5 по поплавите во јануари, годинава, информираа претходно од Јавното претпријатие за државни патишта и најавија дека санацијата на столбот ќе трае 100 дена.

– Кај критичните места на столбните места С5 и С6, во завршна фаза е армирањето на најкритичниот столб С5, потоа следи бетонирање и со тоа се заокружува санацијата, а потоа следи санација на столбното место С6. Санирањето на двете столбни места ќе биде извршено во предвидениот рок од 100 дена. Потоа ќе биде пуштен сообраќајот по мостот и ќе продолжат другите санациони работи предвидени со проектната документација и договорот, велат од ЈПДП.

Од ЈПДП потсетуваат дека алтернативниот пат е наменет за движење само на локалното население од околните села до градот Куманово и обратно, кој почнува од пред мостот и се симнува под него,  асфалтиран и  поставени се семафори за наизменично пропуштање на возилата, потоа кратко патот продолжува преку цевасти пропусти кои се поставени над река Пчиња и се приклучува на локален тампониран пат.

– Јавното претпријатие за државни патишта нема надлежност да подобрува локални патишта, велат од ЈПДП.

Реконструкцијата на целиот мост треба да заврши до август 2022 година. Мостот над Пчиња познат како Искрин мост е еден од најдолгите во државата – 335 метри, изграден пред 50-тина години.

– Во однос на ова, градежно-санациските работи моментално се стигнати до 80 проценти од предвидените работи со договорот, велат од ЈПДП.

Последнава деценија Искрин мост беше во исклучително лоша состојба. Реконструкцијата почна во јуни, лани. ам/фф/

Таг
Back to top button
Close
Close