Дописници МКДОпштински вести

Промовирана публикација и арт филм посветени на сликарот Димитар Стојчевски

Со промоција на публикацијата „Магнет – Од увото до окото и назад“ и арт- филм заврши одбележувањето на месецот ноември посветен на првиот академски сликар од Крива Паланка Димитар Стојчевски, доајен на македонското современо сликарство и еден од основачите на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

Крива Паланка, 1 декември 2021 (МИА) – Со промоција на публикацијата „Магнет – Од увото до окото и назад“ и арт- филм заврши одбележувањето на месецот ноември посветен на првиот академски сликар од Крива Паланка Димитар Стојчевски, доајен на македонското современо сликарство и еден од основачите на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

Автор на публикацијата и арт филмот, збирка од филозофијата на животот, разговори, архивски материјали и асоцијации, е Кирила Цветковска, историчарка на уметност, кураторка и уметница.

– Магнет е експеримент за изнаоѓање алтернативни начини на пренесување одредена мисла, нејзино зачувување и надградување. Како што четката или моливот се продолжеток на една рака, така и сеќавањето продолжува нечиј живот. Разговорот не запира, туку се претвора во шепот за да се пренесе внимателно од едно до друго уво и да го стопли телото, изјави авторката Цветковска.

Во чест на Димитар Стојчевски во текот на месец ноември постхумно беа организирани повеќе изложби, промоција на документарен филм и монографија за Стојчевски од ликовниот критичар и уметник Гоце Божурски.

Организатор на сите настани е Градскиот музеј од Крива Паланка, во соработка со Министерството за култура, општина Крива Паланка, Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осговски“, НУ Центар за култура и Центарот за аудиовизуелни уметности.

– Димитар Стојчевски беше уметник кој не задолжи со своето творечко дело и со белегот што го остави  во македонската ликовна уметност. Неговата скромност и ненаметливост можеби беа причина да не биде доволно вреднувано неговото творештво, но неговата оставина е бесценета и допрва ќе ја добие вистинската вредност, истакна Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.

Настанот се одржа во големата сала на Општина Крива Паланка. ид/оџ/

Back to top button
Close
Close