Дописници МКДОпштински вести

Презентиран проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ пред струшките бизнисмени

Пред струшките бизнисмени денеска беа промовирани активностите и целите на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, кој го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Европската унија.

Струга, 17 мај 2022 (МИА) – Пред струшките бизнисмени денеска беа промовирани активностите и целите на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, кој го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Европската унија.

Целта на проектот, како што информира координаторот Наташа Здравковска, е намалување на долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход.

– Проектот настојува да ги вклучи ранливите групи на пазарот на труд во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Со оваа реформа, најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, ќе се вклучат на пазарот на труд, појасни Здравковска.

Според неа, граѓаните ќе добијат услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка, како прва компонента на проектот.

– По ова ќе следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување преку четири активни мерки, како што се обуки за побарувани занимања, обука кај познат работодавач, практикантство и субвенционирано вработување, истакна Здравковска.

Во реализација на проектот учествуваат центрите за вработување и центрите за социјална работа, кои меѓу себе комуницираат преку систем за електронска размена на податоци за подобра селекција и ефикасност на процесот. Во проектот се вклучени повеќе од 1.500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку пет проценти веќе се вработени. Реализацијата на проектот обезбедува информации за ранливите категории граѓани, како што се нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди, што ќе бидат основа за прилагодување на активните мерки и услугите на двете институции за да се постигнат подобри резултати на теренот. Главни партнери – поддржувачи на активноста се центрите за вработување, центрите за социјална работа и бизнис заедницата на локално ниво. сс/рп/

Back to top button
Close
Close