Посетете ја новата веб страна на МИА
0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДМакедонија.СлајдерМИА ИстражуваОпштински вестиРепортажа

По патеката на виното

Морето од лозја и прекрасното виножито од бои беа наш постојан придружник за време на планинарскиот марш „По патеката на виното". МИА беше дел од тричасовното чекорење низ Дисанијата, областа што важи за една од месностите, која раѓа грозје со посебен квалитет, од кое подоцна се произведуваат извонредни вина и ракии.

Кавадарци, 4 декември 2022 (МИА) – Морето од лозја и прекрасното виножито од бои беа наш постојан придружник за време на планинарскиот марш „По патеката на виното”. МИА беше дел од тричасовното чекорење низ Дисанијата, областа што важи за една од месностите, која раѓа грозје со посебен квалитет, од кое подоцна се произведуваат извонредни вина и ракии.

Браќа по планина 

Метеоролошките најави за дождлив ден не претставуваа проблем за нас, да тргнеме во уште една планинарска авантура. Овојпат, со околу 200 други вљубеници во природата од повеќе краеви на државата, но и еден гостин планинар од Турција. Неколку кучиња со лаеж ни посакаа среќа на нашето патешествие, на стартот од неготинското село Долни Дисан. Неколку камени градби со дрвени прозорци и чардаци забележа мојата камера. Дождот што паѓаше повремено, само уште повеќе ја зголеми романтичноста во доживувањето на есента во Дисанијата. Во долгата колона планинари, можеше да се забележат такви со мантили за на дожд, чадори, покриени со обична вреќа за берење грозје, но и храбри поединци на кратки ракави, коишто целосно  се беа препуштиле на уживањето во допирот на дождовните капки, што им се слеваа по лицата. Некоја посебна магија имаше дури и во вировите полни со вода по патот, па и во калта, по тиквешки кажана, „шлакатарник”. Како да ги насликал најдобриот уметник.

Замислете ја радоста, во втората половина на ноември да скинете гроздаче, директно од винова лоза. Ако тоа за нас тиквешани беше радост, замислете како се чувствуваа тие од страна. Се затвораа очите додека се дегустира зрнцето грозје, за доживувањето да трае подолго. Знаете, во Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во државата, вообичаено се вели дека при гроздобер, ако случајно или намерно се остави некој грозд, тоа е за да се насладуваат животните, птиците и инсектите. И планинарите и планинарите, коментиравме додека ги подававме рацете кон десертот сервиран директно од природата.

– Еве оттука се гледаат Кавадарци и Неготино, вечни ривали во тиквешките сочни псовки и шеги. Но, во реалноста, ние планинарите на пример од двете општини, сме браќа по планина, со многу ведрина и позитивна енергија зборуваше водичот Блаже Бда Мелов, искусен  планинар кавадарчанец, член на  планинарскиот спортските клуб Фри хајкерс или Слободни планинари, клуб организатор на настанот.

Тој ни набра од грозјето површничка во едно лозје покрај патот. Ни кажа дека во овој период од годината има мноштво тревки чаеви и есенски плодови во природата. Вкусивме шипинки. Начекавме позни капини, по тиквешки, што би значело, подоцнежни. Трнки, по наше, или трнинки, по скопски. Оскруши круши, што во овој крај ги знаеме како горнички. Зборуваше за огромниот  потенцијал што го има најлозаровинарскиот регион во државата. За македонската винска приказна, што се трудат, да ја слушнат што е можно повеќе луѓе, во целиот свет.

Мелов ни ги покажа сите места природни видиковци, од кои се гледаа тие и тие планини, тие и тие места. Ни зборуваше за работливите луѓе кои потекнуваат од Долни и Горни Дисан. Нив ги бие глас на големи домаќини, вредни, а нивните лозја беа, како „китки” што се вели, кога за нештата се кажува дека се убави и средени.

Организаторот се беше погрижил маршот да врви, најдобро што може. Наоколу цвеќиња. Пријатно бевме изненадени кога на дел од патот бевме пречекани со гајби грозје и јаболки. И мирис и вкус. Се топеа во уста. Изобилство од вкусови и ароми. Е сега, за да се родат такви прекрасни плодови, понекогаш е потребно и да се вардат лозјата и овошките од наезда на неканети гости, животни, птици и инсекти. Затоа, за да не биде обран родот предвреме, некои од лозарите и овоштарите местат плашила во своите имоти. Тие ја имаат улогата на чувари. Токму таквите необични чувари, беа инспирација за фотосесии.

Кога ја сакаш природата, сите работи што ќе ги видиш, ти наликуваат на уметнички дела. Околните дрвја, небото, есенските бои, зелената мов распослана крај тесната козја патека, килимот од лисја што шушкаат под нозете. Звукот на природата во есен. Колку е убава мојата татковина, оваа винска патека, помислуваш. А дополнителна милина на душата ти создава, развиореното македонско знаме, што го развиорил планинарот пред тебе, а ветерот го вее ли вее. Дур до Горни Дисан, каде добредојде ни посака убава камена куќа со дрвен чардак и до неа, новоотворениот планинарски дом. Тука бевме пречекани со свежа салата и планинарско гравче, како и гурабии и традиционална алва, приготвена на старински начин. Дегустиравме и квалитетно дисанско вино. Се запеа и песна.

Димитрина на 87 години, Кире со четири бај паса 

Волшебен беше танцот на дождовните капки, планинарите чекореа во ритамот на дождот.  Бевме на возраст, од седум, до 87 години. На чело на колоната, Митко Василев. Пред нас, зад нас, тука некаде меѓу нас, постојано беше и кученцето Кјара, ни кажаа дека е љубител на природата и често планинари.  Димитрина Симовска од планинарското спортско друштво „Кораб” од Скопје беше најстариот учесник во планинарската акција. По професија, мајстор на шивачкиот занает, стручна учителка по кроење, шиење и везење, во пензија.

– Планинарам од 14 годишна возраст. Не ми е проблем да планинарам на моиве години. Не се форсирам, правам паузи, се одмарам, па продолжувам. Инаку, редовно си пешачам на дневна основа, а најмалку еднаш неделно одиме на планинарење. Некои се чудат што се уште планинарам. Им велам, многу е важно да сте со добри мисли и воопшто да не постои страв, раскажа таа.

Се интересирав што јаде и што пие, та што е толку витална и во добра кондиција.

– Не прибирам храна. Во добро друштво, знам да пробам и да  дегустирам вино, како еве сега во Дисан. Не сум некој пијач, ама убаво е виното, откри таа.

Со четири бај паса, 67 годишниот струмичанец Кире Божинов од ЗПСК „Маратон” се уште планинари, а беше со нас и по винскиот пат. Ни кажа дека со планинарење се занимава повеќе од четири децении, некаде од својата дваесетта година.

– Ние сме планинари, ентузијасти. Сите ми викаат, а бе зошто се оптоваруваш, не ли се плашиш за здравјето. Докторите ми рекоа, ти си мерач на сопствениот организам. На биоритамот. Како ќе ти каже душата, така. Самиот организам ќе ти каже до каде можеш, колку можеш, како можеш. Верувам во самиот себе  Планинарството ми е како некоја опсесија. Ја сакам природата, ја сакам планината. Секој слободен момент, го користам, за да отидам во планина. Го пробав ова  вино во Дисан, тоа е прекрасно. Убаво е кога се дегустира во добро друштво, со мерка. Подобро чаша вино дневно да се пие како лек, отколку да се пие апче, коментираше тој.

Милина на душата идеше од глетката дека во колоната има многу млади луѓе. Затоа што иднината им останува ним. Меѓу нив и 22 годишниот велосипедист и љубител на природата, неготинецот Ристе Јанев. Не криеше, со насмевка ни откри дека воопшто не спиел, туку од ноќно излегување дошол право на планинарење, бидејќи не сакал да ја пропушти атрактивната планинарска авантура.

– Не постојат лоши временски услови, може само некаде да сретнете  лошо расположен и слабо облечен човек, но овде сигурно не, коментираше тој со насмеано лице.

Сите со кои разговаравме, не заборавија да ги пофалат срдечното добредојде, фантастичната гостопримливост и предобрата организација од страна на домаќините. Претседателот на друштвото организатор, Ахмет Муратов, на стартот ни посака „лесна нога” и навистина, винскиот пат го изодевме лесно, како песна.

– Да се види од каде потекнува и од каде доаѓа доброто вино, божествената напивка, но и квалитетната ракија, им се обрати тој на видно расположените планинари, љубители на планински доживувања.

На едно место по патеката на виното, има камена карпа, на која со боја е испишано „трон”, бидејќи навистина наликува така. Всушност, за цело време одејќи, следејќи ги винските патокази, човек навистина се случува величествено. Како и младото вино, во чија чест всушност и се реализираше планинарската акција. Да се види неговиот потенцијал, за да се осознае, што можеме да очекуваме од бочвите, кога виното ќе отспие и созрее. Возбудата расте.

Светлана Дарудова

Таг
Back to top button
Close
Close