Дописници МКДКултураКултура.Портал

Почнува 59. Драмски аматерски фестивал во Кочани

Во Кочани почнува 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал, на кој ќе настапат девет домашни и три театарски групи од Република Србија.

Кочани, 23 мај 2022 (МИА) – Во Кочани почнува 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал, на кој ќе настапат девет домашни и три театарски групи од Република Србија.

Пред вечерашното свечено отворање, членовите на Управниот одбор на ДАФ на прес-конференција истакнаа дека се свесни дека уметноста е подолга од просечен човечки живот, поради што целта на манифестацијата е да се прикажат уметнички остварувања што долго ќе се паметат и за кои ќе се зборува.

– Веќе 45 години Кочани е домаќин на овој фестивал и ние како организатори се потрудивме да ги надминеме сите предизвици пред нас. На конкурсот за учество беа пријавени 16 претстави, од кои селекторот Благој Веселинов одбра 12, а три се од странство. Покрај тоа, ќе има и неколку придружни содржини, како што се концерти, саем на книги, ликовна изложба и книжевна промоција, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

На свеченото отворање на Фестивалот алтернативниот театар „Отпишани“ од Скопје ќе го прикаже драмскиот текст „Самоубиство во одбрана“ од Марјан Ангеловски, додека, на последниот ден, кога ќе бидат доделени наградите за најдобрите театарски групи, концертен настап ќе има групата Мизар.

Како придружна содржина, а со поддршка од ДАФ и Општина Кочани, на 29 мај ќе се одржи првиот Интернационален фестивал на музичка публицистика, чиј организатор е Македонскиот музички архив.

– Се работи за пилот проект со кој сакаме да ја збогатиме културната понуда и да направиме уште една манифестација со која Кочани ќе добие нови културни содржини. Тоа е настан што не постои на Балканот и го иницираме за прв пат, со цел во иднина да донесе голем број промоции, претставување на музички книжевни изданија што се рецентни. Тоа особено се однесува на домашната публицистичка продукција која во последните неколку години е забревтана, па ние смисливме како да ги претставиме нашите публицисти, но и гостите од странство, истакна Тошо Филиповски од Македонскиот музички архив.

Поддршка за реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал и годинава е обезбедена од Министерството за култура и од Општина Кочани. та/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close