0_Web_АктуелноКултураКултура.ПорталКултура.Слајдер

Почнува јубилејното 40. издание на „Скопје џез-фестивал“

Од денеска до 24 октомври во Националната опера и балет и Кино „Фросина“ ќе се одржи 40-тото издание на „Скопје џез-фестивал“. На фестивалот ќе настапат 11 изведувачи од Северна Македонија, Европа, Куба и САД.

Скопје, 20 октомври 2021 (МИА) – Од денеска до 24 октомври во Националната опера и балет и Кино „Фросина“ ќе се одржи 40-тото издание на „Скопје џез-фестивал“. На фестивалот ќе настапат 11 изведувачи од Северна Македонија, Европа, Куба и САД.

– Фестивалот вечер ќе го отвори суперхеројот на скандинавската џез-сцена Матс Густафсон со свој специјален соло рецитал на саксофони. Од САД ни доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон. Од Данска, САД и Шпанија ни гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот лисабонскиот андерграунд-музички ансамбл Л.У.М.Е., од  Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту, информираат организаторите на настанот.

Како дел од јубилејното издание на „Скопскиот џез-фестивал“ е и специјалниот проект „Ну мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

Придружната програма на фестивалот оваа година опфаќа изложба на плакати на „Скопскиот џез-фестивал“ под наслов „Complicate Simply!”, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Aretha Franklin: Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настап на најпознатиот албански џез-состав во моментов – AJS Quartet.

Во рамките на фестивалот, организаторите информираат дека ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на SJF Records – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.

Фестивалот се организира со почитување на сите актуелни протоколи и безбедносни мерки пропишани за одржување културни настани во затворен простор. ки/са/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close