Дописници МКДОпштински вести

Почна петтата „Текстилијада“ во Штип

„Социјално и економско зајакнување на жените работнички преку кооперативи и социјални претпријатија“ беше денешната тема на петтата „Текстилијада“ во Штип, а на која дебатираа и свои анализи споделија Соња Стојадиновиќ, директорот на Фондот за иновации Коста Петров, потоа претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, Сократ Манчев од  „Покров“ од Струмица и Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип.

Штип, 7 октомври 2021 (МИА) – „Социјално и економско зајакнување на жените работнички преку кооперативи и социјални претпријатија“ беше денешната тема на петтата „Текстилијада“ во Штип, а на која дебатираа и свои анализи споделија Соња Стојадиновиќ, директорот на Фондот за иновации Коста Петров, потоа претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, Сократ Манчев од  „Покров“ од Струмица и Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип.

Соња Стојадиновиќ која направи анализа за отворање на првата текстилна задруга вели дека во моментов македонското законодавство е премногу општо и треба да се менува за да биде како европското или хрватското. Во земјава има земјоделски задруги, но не и текстилни, кои во земјите од ЕУ и успешно работат и се пробиваат на пазарот.

–Потребна е поголема поддршка и финансиска и законодавна од страна на државните институции и зголемување на свесноста во Македонија дека ни се потребни текстилни задруги, но ни е потребна уште поголема свесност за рециклирање на текстилниот отпад и воопшто отпадот кој ни доаѓа од текстилната индустрија, рече Стојадиновиќ.

Во ваквите текстилни задруги можат да се земат текстилни работнички, но и да се ангажираат и социјални случаи, бидејќи како што вели Стојадиновиќ жените се најранливата група во нашето општество.

Директорот на Фондот за иновации, Коста Петров потенцираше дека за првпат и тоа пред две недели Фондот отвори повик за поттикнување на социјалното претприемништво.

-Се работи за тест предизвик, односно за поддршка од 100.000 евра, за социјални претпријатија, со тоа што ќе се дели финансиска помош до 1.5 милиони денари за Предлог проект, вели Петров.

Посочи дека следната година планираат да ги зголемат средствата, а во рок од две недели на отворениот повик до 22 октомври до 14 часот веќе има над 70 преземени апликации.

Виктор Митевски од невладината ЗМАИ, кој лани со „Гласен Текстилец“ работеа на анализа колку текстилни работнички останаа без работа во услови на пандемија, забележа дека трендот на отпуштање продолжува и понатаму. Лани поради силниот удар на пандемијата, а особено врз трудоинтензивните дејности без работа останаа речиси 7.000 работници. Во моментов најголем број од работниците, кои остануваат без работа се со решенија за определено работно време.

-Зголемениот број на невработени од оваа индустрија, покажува дека текстилната индустрија има потреба од трансформирање и дополнителна поддршка и од државата, но и од целиот систем, со цел да бидеме по конкурентни, имајќи предвид дека нашата текстилна индустрија работи и е зависна од нарачките од странство, вели Митевски.

Порача дека под итно е потребна трансформација на текстилниот сектор во земјава, кој работи лон производство, а трансформацијата треба да оди и во насока на модернизација на производството. Текстилијадата во Штип во организација на „Гласен Текстилец“ продолжува и утре со дебата со новинари, уредници и директори на медиуми, како и со претставници на брендовите во земјава. вдј/ир

Back to top button
Close
Close