Дописници МКДОпштински вести

Почна обуката на членовите на Доброволното противпожарно друштво во Кочани

Новоформираното Доброволно противпожарно друштво од Кочани денеска ја реализираше првата обука на своите членови, со што идните пожарникари се запознаваат со основите на дејноста што ќе ја извршуваат волонтерски.

Кочани, 22 октомври 2021 (МИА) – Новоформираното Доброволно противпожарно друштво од Кочани денеска ја реализираше првата обука на своите членови, со што идните пожарникари се запознаваат со основите на дејноста што ќе ја извршуваат волонтерски.

Вклучени се педесетина доброволци, кои се распоредени во три групи, а теоретската и практична обука ја имаат во соработка со професионалната Територијална противпожарна единица.

– По презентацијата на целите и програмата на Друштвото, вработените во ТППЕ – Кочани ни ги претставија причините за избувнување пожар и начинот на лична заштита, како и опремата и возилата со кои располагаат, што за почеток ќе ги користиме и ние. Во втората фаза од обуката ќе излегуваме на терен, со што и практично ќе ги учиме постапките при интервенција. Најпрвин ќе спроведеме обуки за гаснење шумски и пожари на отворено, а потоа и на објекти, истакна Златко Илиев, претседател на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.

Покрај обуките, се работи и на обезбедување потребна техничка опрема и униформи за пожарникарите волонтери, а добиени се најави за донација на возила од Австрија и Словенија.

Доброволното противпожарно друштво во Кочани беше оформено пред еден месец по граѓанска иницијатива, а со поддршка од Локалната самоуправа која за негово поефикасно дејствување и работа обезбеди просторија во објектот на Територијалната противпожарна единица. та/оџ/

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close