Дописници МКДОпштински вести

Поради енергетската криза Струга ќе биде скромно предновогодишно украсена

Скромно, со реквизити од претходните години деновиве ќе почне предновогодишното украсување на Струга. Градот на поезијата и годинава нема да има организиран пречек на најлудата ноќ, а предвидените средства за украсување ќе бидат пренаменети.

Струга, 7 декември 2021 (МИА) – Скромно, со реквизити од претходните години деновиве ќе почне предновогодишното украсување на Струга. Градот на поезијата и годинава нема да има организиран пречек на најлудата ноќ, а предвидените средства за украсување ќе бидат пренаменети. 

Директорот на јавното комунално претпријатие Иќмет Ислами информира дека поради енергетската криза со светилки ќе биде покриено само дел од централното градско подрачје. 

– Поради енергетската криза, донесена е одлука за скромно украсување на градот. Со светилки ќе биде опфатен центарот, Плоштадот кај споменикот на Револуцијата, Чаршијата  и новото шеталиште. На Чаршискиот мост ќе биде поставена новогодишна елка, а ќе изостане раскошното осветлување и традиционалното украсување со новогодишни реквизити и светилки на кејот на реката Црн Дрим, изјави Ислами за МИА.  

Буџетските средства во висина од 500.000 денари, предвидени за новогодишно украсување, според претседателката на Советот на Општина Струга Арбреша Влаши, ќе бидат пренаменети за други цели. 

– Конкретно не е определено за што ќе бидат наманети овие средства, но наместо само на првото новороденче во Новата година, Општината ќе додели штедни книшки со по 15.000 денари на првите три новородени бебиња. Новогодишни пакетчиња покрај децата со посебни потреби од дневниот центар „Порака нова“ и посебната паралелка во основното училиште „Браќа Миладиновци“ ќе добијат и дечињата хоспитализирани на Детското одделение во струшката болница, појасни Влаши.  

За најмладите општината ќе организира предновогодишна прошетка со Дедо Мраз низ струшките улици и чаршијата. сс/са/ 

Back to top button
Close
Close