Сторија

Пописот 2021 и урбанизацијата

Скопје, 24 септември 2021

Скопје, 24 септември 2021 

Преку попис до прецизни сознанија за стандардот на живеење

По речиси две децении во Република Северна Македониј, од 5 до 30 септември, се спроведува Попис на населението, домаќинствата и становите. Последниот попис беше реализиран во 2002 година, што значи дека во земјава има бајата статистика за бројот на население, бројот на куќи и станови, ниви, добиток.

Во услови на недостиг од нови и прецизни информации, владата, институциите и општините, сите стратешки документи и планови за економски развој, здравствена, образовна политика и друго, ги подготвуваат врз основа на податоци стари 19 години, како и врз тековните проценки на Држаниот завод за статистика.

Според Методологија на Пописот 2021, граѓаните ќе одговараат на сет од десет прашања поделени во неколку теми – географски, демографски, економски, образовни, етнокултурни катактеристики и карактеристики на домаќинствата и семејстват, миграции, попреченост, земјоделство, живеалишта, услови за домување.

Сопиште – пример за потребата од попис

Општината Сопиште во изминатите петнаесетина години забрзано се развиваше. Се изградија десетици станбени згради, стотици куќи и викендици. Оваа општина во близина на Скопје која во минатото беше рурална и населена со староседелци, денес е атрактивна за живеење особено на млади брачни парови кои сакаат да бидат далеку од градската бучава, но сепак на само неколку километри од центарот на главниот град.

Но убавината на спокојот во мирниот приградски предел и куќа на височина со поглед на Скопје, во последниве години, им „преседна“ на жителите. Се зголеми бројот на сообраќај и возила. Се зголеми и бројот на деца кои треба да одат во градинка и во основно училиште, а во летниот период постојано се случува да нема вода во домовите.

„Мачно е многу без вода. Особено во летниот период. Купуваме вода за пиење, се снаоѓаме. Но, овој проблем со години не се решава. Кога се доселивме навистина се радувавме што најдовме мир од бетонската џунгла, но сега сфаќаме дека Сопиште се развива неплански. Не може да ги издржи сите жители кои навалија во овие приградски населби“, вели скопјанката Ангела Петковска, која пред осум години се преселила во нов дом во Сопиште.

Проблемот со вода за пиење во домаќинствата е детектиран од локалната власт и за тоа може да се прочита и на општинската интернет страница.

„Општина Сопиште е мошне сиромашна со водени ресурси, иако останува фактот дека варовничката подлога не е доволно проучена за да се утврди евентуалниот потенцијал на подземните води, кој може да биде одлучувачки импулс за развој на општината. Всушност, отсуството на вода за домаќинствата е главен инхибирачки фактор за развој на населбите и секундарното домување, што особено се гледа во населбите кои не се поврзани на скопскиот водовод“.

Но, она што е клучно за развој и планирање на инфраструктурата во општина Сопиште, за изградба на нови јавни објекти, како градинки, училишта, здравствени установи – локалната власт не го поседува. А, тоа е бројот на жители во општината. Во општите информации на општинскиот портал населението се уште се брои според последниот попис спроведен во далечната 2002 година.

„Според тие податоци Општина Сопиште има 5.656 жители, 1.510 домаќинства и 3.398 станови, во 13 населени места од збиен тип, со отсуство на класичен урбан центар“, пишува во делот Демографија на интернет страницата на општината.

Според неофицијалните информации од локалните власти, во општина Сопиште денес живеат околу 8.000 жители. Како пример за тоа колкави се разликите во бројките ќе го земеме селото Горно Соње кое спаѓа во општина Сопиште. Таму пред петнаесетина година на Избирачкиот список имаше 90 гласачи, а денес има околу 270 со лична карта на живеење.

Општина Сопиште е само еден пример за неопходноста да се спроведе нов попис преку кој ќе се обезбедат точни бројки за населението, домовите, условите за живот на жителите и многу други информации потребни за да се донесат релевантни планови и стратегии за развој на општината.

Урбанизмот има големо влијание во секојдневието и е предуслов за квалитетот на живот на секој поединец.

„Ако нема место во градинката да го запишете детето, урбанизмот ви е крив. Ако има гужва во локалната поликлиника урбанизмот ви е крив. Ако сте почнале да се карате со комшиите за паркинг, урбанизмот ви е крив. Ако предолго стоите на семафори, урбанизмот ви е крив. Затоа укажуваме дека урбанистичките планови не може да се менуваат ад кох и по желби за лични интереси“, објаснува архитектката Искра Јанковска Михајловска, за тоа колку бројките се важни за урбанистичкото планирање.

Сите 80 општини во Република Северна Македонија при градење на локалните политики, се раководат од податоците добиени од пописот во 2002 година. Затоа што, тие се последните официјални статистички податоци.

Дополнителен проблем при пребројување на населението и живеалиштата прави тоа што во 2005 година започна процесот на децентрализација и многу општини се прекројуваа, некои се намалија, други се зголемија по територија и бројност на жители, и од 123 општини и Градот Скопје пред децентрализацијата, денес има 80 општини плус Градот Скопје.

Урбанизмот се заснова на статистики и бројки

Според Законот за урбанистичко планирање, при изработката на Генералниот урбанистички план, деталните урбанистички планови и потаму секој тип на урбанистички план, како статистички податок се користи бројот на население, демографската структура на населенето, понатаму, густината на населението во одредено населено место, општина или поширок регион. Развојот на секое населено место е условено преку правилна урбанизација на просторот, што пак, доведува до потребата да се располага со квалитетни и точни информации поврзани со бројот на жители, густината на населеност, потребната инфраструктура (надземна и подземна).

„Бројките за урбанизмот значат се’. Не само оние од пописот. Урбанизмот е комплексна наука каде исцртувањето доаѓа откако ќе се направат сеопфатни анализи, социолошки демографски итн. Бројките од пописот секако им помагаат на локалните и централните власти во планирањето и потребите за промени. Бројот на домаќинства, автомобили и тоа како е од важност за урбанизмот и урбанистичкото планирање. Само сеопфатни анализи и следење на бројките на демографските промени, регистарција на имотот, трендовите на социјалните движења на луѓето може да дадат урбанистички планови кои ќе бидат развојни за стопанството, за унапредување на квалитетот на животот во една средина“, вели Јанковска Михајловска.

Пописот ќе им овозможи релевантни и точни податоци на општините и тоа во повеќе области. Општините се задолжени за одржување на постојната, но и изградбата на нова инфраструктура: улици, канализациска мрежа, пристапи.

„Точните бројки на население по населби значително ќе ни помогнат во креирање на новите политики и подобрување на условите за живот, имајќи предвид дека Карпош беше погоден од непланска и агресивна урбанизација“, ни изјавија од Општина Карпош.

Непланската урбанизација, бетонизација на многу скопски населби, уништувањето на Водно беше овозможено токму поради недостигот од релевантни информации. Во Скопје се изградија стотици згради без основни стандарди – доволен број паркинг места, сообраќајен пристап, (не)квалитетна градба.

„Бидејќи долго време немаме попис, во некои ДУП-ви во Општина Центар се појавија шпекулации за бројот на население и со тоа се овозможија измени по желба на поединци, што на долг рок апсолутно доведува до урбан хаос и опаѓање на квалитетот на живот во таа средина“, вели Јанковска Михајловска.

Статистичките податоци добиени од пописот ќе дадат јасна претстава за (пре)населеноста на одредени населби и што е тоа што треба да го преземе општината за да обезбеди похумано и поквалитетно живеење. Потоа, ќе може да се види и густината на населението, бројот на вселени станбени единици и да се утврди дали параметрите од Генералниот урбанистички план (ГУП) соодветствуваат со реалноста.

„Во сите урбани заедници постојат детски градинки и основни училишта, за чие одржување е задолжена општина Карпош. Оттука, имајќи податок за бројот на деца, нивната возраст, ќе можеме полесно да планираме нови, дополнителни капацитети на градинки, основни училишта и со тоа да обезбедиме поквалитетна детска заштита и подостапен образовен процес“, велат од Општина Карпош.

На пример, при започнување на изработка на урбанистички план за развој на еден град или зона, се земаат параметри и демографски податоци, за да можат планерите да го планираат развојот на инфраструктурата. Колку имаме понови параметар, толку ќе има попрецизно планирање и урбанизација на државата.

 

„Ние сега калкулираме со бројки од 2002, а можеби тие бројки денес не се исти. Затоа мораме да бидеме свесни дека оваа операција е важно да се спроведе, затоа што, тоа е потребно за подобро секојдневно функционирање на сите институции во државата. Ние мора да знаеме колку деца ќе се запишат во градинка, училиште. Дали треба урбанизација за ширење на урбанистичките планови, дали е потребен поголем профил

на улиците и конечно, сите параметри доаѓаат до израз со една ваква операција која ќе даде нови информации за состојбите во државата, во однос на бројот на жителите“, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

 

Одлуките, стратегиите и политиките кои ги носи Министерството за транспорт и врски при реализација на инфрастуктрните проекти треба да се засноваат на реални податоци за бројот на население, бројот на населени места во општината, густината на население, инфраструктурниот развој на општината итн.

„Овие прецизни податоци се услови утврдени во методологии при распределба на средства за општините од буџетот, кои натаму се користат за реализација на инфраструктурни проекти. Тие податоци ни даваат прецизна слика при изработка на физибилити студии, проектни задачи, економска исплатливост, како и при носење одлуки за потребата од реализација на инфраструктурни проекти“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму, само како пример колку урбанистичкото планирање зависи од статистички податоци, го наведоа проектот за водоснабдување и одведување на отпадни води реализиран преку Европската инвестициска банка. Овој проект се однесува на подобрување на комуналната инфраструктура во сите општини и се реализира на начин што Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски распредели одредена висина на средства за секоја општина. Во методологијата која е утврдена од страна на банката, меѓу другите услови за распределебата на средствата, земени се предвид и бројот на жители и големината на општината. Врз основа на тие податоци, секоја општина добила различна сума на средства, кои понатаму ги искористи за подобрување на комуналната инфраструктура.

Пописот ќе влијае врз урбанизацијата

Едно од прашањата во прашалникот за попис е и дали зградата има пристап за лица со попреченост. Според Законот за градење, секоја станбена зграда со десет и повеќе станови, треба да биде проектирана и изградена за да овозможи пристап, движење, престој и работа на лица со попреченост, во најмалку еден стан на секои десет стана, а најмалку 3% од вкупниот број на местата за паркирање во паркинг просторот на овие градби треба да биде наменет за лица со попреченост.

Овие законски прописи многу често не се почитуваат и не се спроведуваат при изградба на објектите. Во тек е подготовка на нов закон за градење. Лицата со попреченост бараат наместо како досега за инвеститорите да има прекршочни казни за непочитување на стандардите за градби, да бидат предвидени затворски казни. Тие се надеваат дека пред да се донесе новиот закон, ќе се спроведе пописот и ќе се добие точен број на граѓани за чии потреби се неопходни посебни услови при изградба на какви било објекти.

„Ние не сме преброени и изброени, не се знае точно во нашата држава колку лица со инвалидност се соочуваат со одредени проблеми. Па затоа, го прифаќаме и го користиме процентот кој го определува Светската здравствена организација, според која некаде меѓу 10 и 15 отсто од популацијата се соочува со некаков вид инвалидност. Ако во Република Северна Македонија живеат околу 2 милиони луѓе, тоа се околу 200.000 жители“, вели Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.

Во прашалникот со кој попишувачите за време на пописот ќе поминат во секој дом има цел сет прашања кои ќе дадат јасна слика за тоа во какви услови живеат граѓаните на Република Северна Македонија. На пример, има прашања која година е изградена зградата или куќата, од кој материјал е изграден носечкиот систем. Потоа, дали објектот има енергетски ефикасна фасада и соларни колектори. Прашања има и за пристап до вода за пиење, канализација, електрична енергија, парно греење, дали во домот има кујна и тоалет.

„Тоа ќе ни создаде прилично прецизна слика за стандардот на живеење. Колкав процент од населението живее во урбани заедници. Колку од граѓаните немаат основни услови за живот. Ако немаш точни податоци, како да работиш на слепо. А, ако имаш ажурирани податоци, континуирано следење на тие податоци и имаш пристап до нив, тогаш можеш да ги следиш трендовите. И можеш да планираш“, изјави архитектот Сашо Блажевски, член на Комората на овластени архитекти и инженери.

Архитектите, локалните власти, Министерството за транспорт и врски се едногласни дека она што е исклучително важно за урбанистичкото планирање е бројот на население, неговите карактеристики, структурата, родовата застапеност, старосната дистрибуција, бројот на работоспособни и др. А овие податоци можат да се добијат единствено од пописот на населението, домаќинствата и становите. Од тие показатели ќе зависи како ќе се планира или редизајнира некој град, село, регион, општина, населба, а се со цел квалитетно да се планира, проектира, гради и живее.

Авторка:

Маја Јовановска

 

 

Таг
Back to top button
Close
Close