Дописници МКДОпштински вести

Пожарникарите од Виница минатата година интервенирале 84 пати

Вкупно 84 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2021 година, што е на слично ниво со претходниот едногодишен период.

Виница, 24 јануари 2022 (МИА) – Вкупно 84 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2021 година, што е на слично ниво со претходниот едногодишен период.

Најголем број од интервенциите, вкупно 58, биле кај пожари на отворен простор, при што е опожарена површина од 76,5 хектари, што е двојно повеќе споредено со 2020 година. Во 15 случаи е интервенирано кај запалени објекти, а останатите излегувања на терен биле за гаснење пожари на моторни возила и на други локации.

– Најмногу интервенции на отворен простор имавме во март, април, август и септември, односно во периодот кога земјоделците ги подготвуваат површините за сеидба и по завршувањето на жетвата. Материјалната штета што е предизвикана од пожарите во текот на минатата година првично е проценета на близу 160 илјади денари, што е намалување за околу пет пати. Покрај редовните интервенции, спроведовме 12 превентивни активности за заштита од пожари, односно предавања во училиштата и заеднички практични вежби во стопанските субјекти. Заради поголема ефикасност и заштита, во текот на оваа година планираме да обновиме дел од доброволните противпожарни друштва во месните заедници и во фирмите, истакна Станко Спасов, командир на ТППЕ – Виница.

Причина за најголем број од пожарите е човечкиот фактор, а во десет случаи до запалување дошло по краток спој во електричната инсталација во објекти и возила, како и поради неисчистени оџаци.

Освен со интервенции на територијата на Општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во шест случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги во Кочани, а четири пати во Берово. та/вг/

Таг
Back to top button
Close
Close