
Скопје, 27 јуни 2022
Изминатиот викенд, градот Охрид изобилуваше со поети и поетеси што беа наградени за нивното дело, како и оние што по првпат зедоа учество во седмото по ред издание на меѓународната манифестација „Охридски поетски бисер“.
Оваа година, на распишаниот конкурс за наградени песни и автори на меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“, која се одржа на 25 јуни во црквата Успение на Пресвета Богородица ‒ Каменско во Охрид, се пријавија вкупно 168 автори од Македонија и од странство.

Како и секоја година, и оваа беа доделени следниве награди: прва, втора и трета награда за поезија на домашни автори, прва, втора и трета награда за поезија на странски автори, прва, втора и трета награда за поезија на млади автори, награда на автор од дијаспората и три награди за животно дело, на Иван Котев, Живко Поповски Цветин и постхумно оваа награда ја доби единствената, голема македонска поетеса, Виолета Сековска ‒ како што многумина милуваа да ја наречат.
Нејзината ќерка, Сара Сековска, подигнувајќи ја наградата за нејзината мајка, им се обрати на присутните: „Мајка ми често велеше: Сакајте со срцето и со душата, не преку моќта и парите, зашто моќта и парите заминуваат, срцето и душата остануваат додека очите ни се затворат“ Имено, Виолета Сековска е автор на седум збирки поезија и постхумно издадената збирка ’Бајракот на светлината‘“. Сековска беше основач и претседател на Граѓанското здружение за обединување на македонската култура „Македонски вознес“, креатор и идеен творец на поетско-музичкиот перформанс „Со љубов за Македонија“ со кој има настапувано ширум Македонија, Кралството Данска, Албанија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Словенија, член на Светскиот македонски конгрес и голем хуманист, идеен творец и коорганизатор на Хуманитарниот поетско-музички концерт „Од деца за деца со посебни потреби“. Поезијата на Сековска е преведена на повеќе јазици, и тоа англиски, руски, српски, турски, албански, хрватски, словенски, бугарски. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди и признанија.
Сара Сековска
Во центарот на животот во нејзините стихови ја опева љубовта на жената кон љубениот, но истовремено и највозвишената љубов ‒ онаа кон Татковината. Таа ни остави дела што исполнуваат, опиваат, напојуваат со љубов, верба и надеж, убавина, топлина и исконска сила, дела во кои е запишана секоја нејзина мисла од која блика радост за животот и слободата, блеска љубов за љубениот и за земјата Македонска. На 15 јуни 2021 година, таа физички нè напушти, отиде на патот кон вечноста и бесконечноста, но ни остави голем број изградени мостови, воспостави длабоки корени и стави длабок печат со нејзината оригиналност и посебност во македонската творечка дејност.
—————————————————————————————————————————
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.