0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдерЛокални избори 2021Политички партии

Партиските лидери повикуваат граѓаните масовно да излезат да гласаат во вториот круг од локалните избори

Продолжуваат партиските активности од кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржи во недела на 31 октомври. Државната изборна комисија за денеска најави дека ќе ги објави конечените резултати од првиот круг за градоначалници и изборите за советници во 80-те општини и Градот Скопје.

Скопје, 23 октомври 2021 (МИА) – Продолжуваат партиските активности од кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржи во недела на 31 октомври. Државната изборна комисија за денеска најави дека ќе ги објави конечените резултати од првиот круг за градоначалници и изборите за советници во 80-те општини и Градот Скопје.

Владејачката СДСМ за вечер најави голем собир на граѓаните во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, на којшто се очекува да се обрати кандидатот на партијата за градоначалник на главниот град, кој влезе во вториот круг, Петре Шилегов и лидерот на партијата Зоран Заев.

Опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ во Охрид ќе одржи седница на Извршниот комитет по која, како што најави лидерот на партија Христијан Мицкоски, ќе биде соопштен ставот на партијата за тоа кого ќе поддржи во вториот круг на изборите. Мицкоски попладнето ќе се обрати и на собирот по повод 23 Октомври – Денот на ВМРО.

Активности имаат и кандидати на другите партии чии кандидати за градоначалници победија во првиот круг од локалните избори.

Од синоќешните митинзи во Битола и Демир Хисар, и Заев и Мицкоски повикаа на масовност на вториот круг на изборите.

Пораката на Заев е дека граѓаните на изборите треба да донесат одлука за одење напред, а не за враќање назад. Мицкоски, пак, повика на широка поддршка од граѓаните за чекор напред што ќе води до заминување на оваа власт.

-Народот одлучува. Народе мој донеси одлука за напред, не се враќајте назад. Во името на успесите, во името на стратешкиот успех и влез во НАТО, во името на обединувањето и сплотувањето во нашето мултиетничко општество, во името на растење на платите во време на пандемија, во името на растот на домашните и странските инвестиции, во името на иднината ги повикувам сите граѓани во Битола да дадат поддршка на единството, на обединувањето, на прогресот, на иднината, на напредокот, поддршка на најдоброто за Битола. Излезете и донесете одлука за вашата Битола, за вашите деца, за вашите семејства, за вашата иднина, повика Заев.

Докажавме, додаде тој, дека имаме храброст кога треба да се носат одлуки.

-Кога требаше да се донесат одлуки за крупните горливи политички прашања во нашата земја на домашен и на меѓународен план – ние бевме тука. Донесовме храбри одлуки, но и мудри одлуки што прицврстија се што ни е важно нам и на нашите предци, на партизаните и војводите, на сите што гинеле за оваа наша Македонија. Донесовме исклучително исправни одлуки и покажавме дека не калкулираме со своите политички фотелји ниту со своите политички кариери. Носевме одлуки за народот, ние не сме како нашите противници кои шират лажен патриотизам, кавгаџии со сите надвор и дома, посочи Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Демир Хисар ги повика граѓаните масовно да излезат на вториот круг од локалните избори и да гласаат за промени, посочувајќи дека нивна е силата зад параванот. Побара од премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ако ја примил пораката од граѓаните во првиот круг од изборите, да си замине веднаш.

-Зоран Заев вели дека доколку загубел на овие избори во Скопје и другите места низ државата ќе си заминел од местото премиер. Јас велам на 31-ви октомври да му помогнеме да се случи тоа. Излезете и гасајте за промени. Излезете и додека заокружувате зад параванот не заборавајте дека вие сте силата која може да се избори за промени. Не заборавајте и на тешкиот живот, на трговијата со идентитетот која ја прави Заев, за таа неправда кога министрите на државна сметка тераат луксузи додека народот се дави во сиромаштија, на ветувањата за живот, рече Мицкоски.

Според него, Заев лаже кога вели дека ја разбрал пораката од народот и оти по трет пат го кажува тоа, ама, додава, си врват тендерите за РЕК, договорите за службени ручеци и кафеани.

-Ако ја разбрал пораката тогаш нема да чека избори и веднаш ќе си замине. Ако ја разбрал пораката тогаш зошто не ги потпише веднаш оставките на Филипче и Љупчо Путерот. Едниот поради тоа што е министер во земја која е прва по смртност во Европа поради Ковид, вториот поради тоа што е министер во влада за борба против корупција а владата е најкорумпирана влада Европа? Еве јавно го повикувам да потпише оставка ако ја разбрал пораката, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвини дека Заев, како што рече, не разбрал ништо и дека продолжуваат списоците за поткуп и оти најдобар  одговор на тоа е излезноста.

-Демир Хисар беше посебно подложно на таквите притисоци. Отфрлете ги стегите. Масовно да излеземе затоа што нивниот поткуп така ќе стане беспредметен, порача Мицкоски.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Државната изборна комисија денеска ќе ги соопшти конечните резултатите од првиот круг на изборите за градоначалници и советници, а до полноќ завршува рокот за пријавување на болни и немоќни за гласањето на 31 октомври, на вториот круг од изборите. Во овој круг без да се пријават ќе можат да гласаат и веќе пријавените болни и немоќни лица од првиот круг на изборите.

Пријавувањето за гласање на лица со Ковид-19 и во самоизолација е до 25 октомври на полноќ. ев/лв/

 

 

 

Back to top button
Close
Close