Дописници МКДЕкономијаОпштество

Панел-дискусија: Минимална плата во контекст на економските прилики во Гостивар

Претставници на локални компании, занаетчии и институции од општина Гостивар одржаа панел-дискусија на која се дискутираше за минималната плата и нејзиното влијание во актуелната економска состојба. Панелот го организираа од Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ) Гостивар во соработка со Локалниот економско социјален совет (ЛЕСС) Гостивар.

Гостивар, 23 јуни 2022 (МИА) –  Претставници на локални компании, занаетчии и институции од општина Гостивар одржаа панел-дискусија на која се дискутираше за минималната плата и нејзиното влијание во актуелната економска состојба.

Панелот го организираа од Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ) Гостивар во соработка со Локалниот економско социјален совет (ЛЕСС) Гостивар.

Во отворената дискусија учесниците беа фокусирани на платата која работниците ја добиваат, дали таа го подобрува стандардот на работниците и колку тоа ги погодува работодавците.

– Овој настан е во соработка со Младинскиот културен центар – Битола во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ со поддршка на Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска. Заедно со ЛЕСС Гостивар правиме напори за вклучување на сите релевантни локални актери во дебата за актуелните социо-економски случувања. е, изјави Љуљзим Хазири од АДИ.

Во обраќањето како стопанственик зборуваше и Нагип Фејзи. Тој напомена дека минималната плата не е доволна и препорача државата да го субвенционира бизнис секторот.

– Со сегашната плата од 18.000 денари не можеме да ги мотивираме вработените и да се одржи нивната куповна моќ. Платите мора да се зголемат ако сакаме да ги задржиме овие и за да не носиме работници од странство, рече претседавачот на „Сеалбанскиот економски форум“, Нагип Фејзи.

За предизвиците кои ги носат новите прописи за минималната плата и влијанието врз економските прилики зборуваа и Гоце Димоски, експерт за инвестиции и економски развој, претставници на Сојузот на синдикати и деловниот сектор. Повеќето ги споделија мислењата и искажаа загриженост во опстојување на работодавци од Гостивар.

Еден од поважните предизвици со кој се соочува гостиварската економија е недостигот од квалификувана работна сила. Ова го посочи Дашмир Османи, советник за Локален економски развој во презентацијата на наодите од истражувањето за потребите на пазарот на трудот во Гостивар.

– Изминатите два месеци работевме на едно истражување и доставивме стотина прашалници до работодавците. Првичните резултати не се охрабрувачки, со оглед дека поголемиот дел од компаниите се соочуваат со проблеми во делот на човечките ресурси. Можеме да заклучиме дека најмногу работници недостигаат во секторите производство и угостителство, гастрономија, рече Османи.

На панелот беше потенцирано дека економската состојба во земјава е неповолна бидејќи како беше истакнато, семејство со две минимални плати не може да ја плати минималната потрошувачка кошничка, која изнесува 38.104 денари, а за една година поскапи за над 4.000 денари. згм/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close