Дописници МКДОпштински вести

„Охрид SOS“ тврди дека Управата за заштита на културното наследство и Музеј Охрид дозволуваат градење спорни објекти во стариот дел на Охрид

Неформалното еколошко здружение „Охрид SOS“ упати критики до Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид дека постапуваат спротивно на обврзувачкото мислење на Комисијата за управување со Охридскиот регион и дозволуваат градење објект во стариот дел на Охрид.

Охрид, 27 септември 2021 (МИА) – Неформалното еколошко здружение „Охрид SOS“ упати критики до Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид дека постапуваат спротивно на обврзувачкото мислење на Комисијата за управување со Охридскиот регион и дозволуваат градење објект во стариот дел на Охрид.

Според активистите од „Охрид SOS“, не се работи за прв случај што добил конзерваторско одобрение за несоодветна градба, но е прв, како што велат, по кој, Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион даде негативно мислење уште во декември минатата година, а истовремено да се продолжи со изградба на оспорен објект.

Од „Охрид SOS“ посочуваат дека Комисијата ги задолжила Министерството за транспорт и врски, Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и Заводот и музеј Охрид „да изнајдат начин да ги преиспитаат/повлечат издадените акти според кои е овозможено понатамошно одвивање на активностите на сопственикот на објектот за добивање дозвола за градење, но спротивно на нејзините препораки, двете институции задолжени за заштита на Охридскиот регион, не постапиле навремено и преку формални процедури дозволиле решението за градење да стане правосилно.

– Министерството за култура сега е ненадлежно и за сите прашања околу случајот упатува на УЗКН кои, пак, не наоѓаат ништо спорно во фактот што не постапуваат согласно со законските обврски за заштита на културното наследство, велат од „Охрид SOS“, притоа посочувајќи дека при кроењето на конзерваторските услови (Завод и музеј Охрид) и подготовката на конзерваторското одобрение (Завод и музеј Охрид, УЗКН), биле сосема занемарени Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (75/2010), препораките на Реактивната мониторинг мисија од 2017, како и одлуките на УНЕСКО 41 СОМ 7В.34 од 2017 и 43 СОМ 7В.36 од 2019 година што државата е задолжена да ги исполни согласно член 4 став (1) од истиот закон.

Дополнително, при инспекцискиот надзор бил занемарен и Планот за управување со Охридскиот регион (2020-2029) за чиешто спроведување УЗКН и Завод и музеј Охрид се обврзани со член 16 од Законот за управување со Охридскиот регион.

Во последната одлука, УНЕСКО констатира „недоволен анагажман да се сопре бавната ерозија на атрибутите на Исклучителната универзална вредност (ИУВ) во урбаната сфера и пејзажот воопшто кои произлегуваат од несоодветна заштита, реконструкција и урбанизација“. аб/бак/

Back to top button
Close
Close