Дописници МКДОпштински вести

Охридски водовод со апел да не се злоупотребува водата за наводнување

Јавното претпријатие „Водовод“ од Охрид апелира до корисниците да не ја злоупотребуваат водоводната мрежа за наводнување земјоделски насади.

Охрид, 19 мај 2022 (МИА) – Јавното претпријатие „Водовод“ од Охрид апелира до корисниците да не ја злоупотребуваат водоводната мрежа за наводнување земјоделски насади.

Апелот, како што наведуваат од претпријатието, доаѓа по реакции од граѓани од селото Лакочереј за недостиг на вода за пиење.

– Поради реакции на граѓани од недостиг на вода за пиење во селото Лакочереј, што не е последица од настанат дефект на водоводната мрежа или други активности на терен, апелираме до сите корисници посебно во населбите од околината на Охрид каде што има земјоделски површини, да не се злоупотребува водата од водоводната мрежа за наводнување на земјоделските насади, стои во апелот на претпријатието.

За заштита на системот за водоснабдување и граѓаните кои регуларно и редовно ги извршуваат своите обврски, но и во согласност со сите законски регулативи, ЈП „Водовод“ спроведува акции за исклучување на диви приклучоци.

– Дивите приклучоци се забранети со закон и се утврдуваат од овластен комунален инспектор на општината, врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрената прекршочна постапка за сторено кривично дело, соопшти претпријатието.

Дивите приклучоци, додаваат, нанесуваат директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во градот и околината. сс/са/

Back to top button
Close
Close