0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникотДописници МКДМакедонија.СлајдерПолитика

Охридски безбедносен форум: Колективен пристап за успешен одговор на новите безбедносни закани

Да работиме колективно за да можеме успешно да одговориме на новите безбедносни закани е пораката испратена од Безбедносниот форум што во организација на Маршал Центарот и Алумни Асоцијацијата во Република Северна Македонија се одржа денеска во Охрид.

Охрид, 27 септември 2021 (МИА) – Да работиме колективно за да можеме успешно да одговориме на новите безбедносни закани е пораката испратена од Безбедносниот форум што во организација на Маршал Центарот и Алумни Асоцијацијата во Република Северна Македонија се одржа денеска во Охрид.

На собирот насловен „Западниот Балкан по коронавирус кризата. Евроатлантска перспектива“ поддржан од Секторот за јавна дипломатија на НАТО и Центарот за безбедносни студии Џорџ Маршал од Гармишпартенкирхен беше нагласена и изразената посветеност за интеграцијата во евроатлантските структури и зголемениот број безбедносни предизвици што ги засегаат земјите од Западен Балкан.

Охридскиот Безбедносен форум како регионален формат на собирање се покажа како непроценлива платформа со важна улога во промовирање на евро-атлантските вредности и поттикнување на современа дебата за безбедноста од национална, регионална и евроатлантска перспектива, не само за земјата туку и регионот.

Клучни воведни обраќања имаа министерот за надворешни работи Бујар Османи, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, и Анке Холштајн, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.

Османи во обраќањето пред учесниците на форумот ја нагласи посветеноста на Република Северна Македонија во остварувањето на својата стратегиска цел за целосна интеграција во Европска Унија, притоа нагласувајќи ја подготвеноста на власта во земјата да биде промотор на регионалната соработка.

Брнз ја истакна поддршката на САД на реформските напори во Република Северна Македонија. Амбасадорката ја искористи можноста да ја потенцира потребата за колективен одговор во справувањето со новите хибридни закани, притоа нагласувајќи ја во таа насока потребата и заложбата за градење соодветни капацитети.

Амбасадорката на Германија, Холштајн и овојпат ја повтори поддршката на Берлин во натамошните активности и чекори на Северна Македонија за членство во ЕУ. Осврнувајќи се на одржаните избори во Германија, Холштајн посочи дека големата излезност на граѓаните на Германија на изборите само потврдува дека демократијата функционира и во услови на корона.

На панелите организирани во рамки на форумот покрај професори од „Џорџ Маршал Центарот“ ќе има обраќања и трудови еминентни професори и експерти од областа на безбедноста од регионот и пошироко. аб/ки/

Таг
Back to top button
Close
Close