Општински вестиСкопје

Општина Центар додели субвенции за реконструкција на лифтови и кровови

Од Општина Центар информираат дека вкупната сума обезбедена за јавниот повик изнесуваше 3.000.000 денари, а искористени се 1.873.394 денари.

Скопје, 17 август 2022 (МИА) – Врз основа на јавниот повик за финансиска подршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови во станбените згради на подрачјето на Општина Центар, оваа година одобрени се субвенции за реконструкција на девет лифтови и еден покрив на колективни станбени објекти постари од 15 години. Од Општина Центар информираат дека вкупната сума обезбедена за јавниот повик изнесуваше 3.000.000 денари, а искористени се 1.873.394 денари.

Од општинската прес-служба посочуваат дека заедниците на станари аплицирале за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери.

– Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки е наменета за замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под условите што беа наведени во јавниот повик. Оваа година ќе се изврши поправка и санација на лифтовите на следните згради: ул. „Орце Николов“ бр. 98; ул. „Народен Фронт“ бр.7, бр.11, бр.5/37, бр. 23 влез 2 и бр. 27; булевар „Кочо Рацин“ бр. 8; ул. „Козара“ бр. 64 влез 3 и булевар „Партизански одреди“ бр. 7/1 влез 1, а субвенции за поправка на покривот добија станарите на зградата на ул. „Народен Фронт“ бр.23 влез 1, соопштија од Општина Центар.

Од Општина Центар информираат дека по петти пат ја реализираат програмата за субвенционирање на поправка и санација на лифтови и кровни конструкции, а досега реконструирани се вкупно 102 лифтови и кровни конструкции на колективни станбени објекти во општината. фф/сп/

Таг
Back to top button
Close
Close