Дописници МКДОпштински вести

Општина Струмица со поставување видео надзор ќе ја заштитува урбаната опрема

Локалниот совет за превенција на Струмица на денешната редовна месечна седница ја разгледуваше појавата на уништување на урбаната опрема и притоа е заклучено меѓу другите мерки да се покрене иницијатива за поставување видео надзор за заштита на урбаната опрема.

Струмица, 26 јануари 2022 (МИА) – Локалниот совет за превенција на Струмица на денешната редовна месечна седница ја разгледуваше појавата на уништување на урбаната опрема и притоа е заклучено меѓу другите мерки да се покрене иницијатива за поставување видео надзор за заштита на урбаната опрема.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов истакна дека се разгледуваа оваа можност и Општината е подготвена во иднина тоа да го направи.

-Подготвени сме со свои средства и во соработка со надлежните институции тоа да го направиме или со ребаланс на буџетот за оваа или со буџетот за 2023 година каде ќе планираме средства за видео надзор на јавните површини, рече Костадинов.

Од СВР Струмица велат дека со видео надзор може да се намалат појавите на уништување на урбаната опрема.

-Ние имавме таков проект-„Урбана заедница“ и со покривањето на одреден простор со видео надзор се придонесува да се намалат ваквите негативни појави. СВР Струмица планира во одредени подрачја да воведе позорникарска служба, посебно во централното градско подрачје и во подрачја каде се појавуваат такви проблеми со цел најпрвин да се превенира, а потоа и да се детектираат и санкционираат таквите појави, изјави началникот на СВР Струмица, Томе Весев.

На денешната седница на Локалниот совет за превенција беа оценети како успешни мерките за отстранување на уличните и нелегални продавачи, кои се тргнати од централното градско подрачје. Во овој период е забележано и зголемување на бројот на резервации за тезги на пазарот „Чешел“ од страна на досегашните улични продавачи.

Беше потенцирано дека следен предизвик на Советот е решавањето на нелегалната трговија со старо железо на улицата „Антон Панов“, каде треба да се изврши чистење на тој појас и да нема узурпирање на приватни парцели.

Локалниот совет за превенција на Струмица одржува седници секоја последна среда во месецот на кои се разгледува договореното, но и се детектираат нови проблеми. рт/рп/

Back to top button
Close
Close