Дописници МКДОпштински вести

Општина Маврово и Ростуше донираше ехо апарат за Здравствениот дом во Ростуше

Општина Маврово и Ростуше донираше нов ехо апарат за Здравствениот дом „Русе Бошковски“ во Ростуше, во вредност од 20 илјади евра.

Дебар, 25 септември 2021 (МИА) – Општина Маврово и Ростуше донираше нов ехо апарат за Здравствениот дом „Русе Бошковски“ во Ростуше, во вредност од 20 илјади евра.

Тоа, по донесената едногласна одлука на Советот на општината а по предлог на градоначалникот Медат Куртовски, што пак е последователна помош за установата од страна на локалната власт.

– Ехо апаратот е со три сонди, кардиолошка, линеарна и конвексна сонда, доплер на длабоки вени на екстритети и слично. Ваков апарат беше повеќе од потребен, бидејќи за тоа жителите од нашата општина мораа да патуваат до здравствени установи во Струга, Охрид или Скопје, изјави за МИА, Омер Дурмиши, директор на оваа здравствена установа.

Сега, додава, тие повеќе нема да бидат принудени да се изложуваат на дополнителни трошоци и непотребни малтретирања.

-Од мое и од име на вработените, секако посебно од граѓаните изразувам голема благодарност до Советот на општина Маврово и Ростуше, претседателот на советот Алил Алили и градоначалникот Медат Куртовски, за континуираната поддршка, додава Дурмиши.

Во Здравственот дом „Русе Бошковски“ работат четриесеттина здравствени работници кои здравствена заштита пружаат на жителите од целата општина.

Што се однесува до епидемиолошката состојба со Ковид-19, Дурмиши оценува дека истата се смирува. Во ковид-центарот во домот болнички се третираат само тројца пациенти, сите на кислородна подршка.

Во установата, посочува, непречено се одвива и имунизацијата против опасниот вирус и додава дека освен од оваа доаѓаат да се вакцинираат и жтели од општина Гостивар. вт/ев/

Back to top button
Close
Close