Дописници МКДОпштински вести

Општина Куманово избира фирма за внатрешна санација на спортската сала

Спортската сала во Куманово ќе се реконструира и внатре. Како што информираше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, распишан е јавен повик за избор на компанија за реконструкција на трибините и подот на објектот.

Куманово, 9 декември 2021 (МИА) – Спортската сала во Куманово ќе се реконструира и внатре. Како што информираше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, распишан е јавен повик за избор на компанија за реконструкција на трибините и подот на објектот.

– Распишавме повик за набавка на нов под во спортската сала и опремување и реконструкција на трибинскиот и просторот под трибината. Претходната постапка, за жал, пропадна поради превисоки понудени цени од страна на понудувачите и бевме принудени да ја прекинеме постапката и обновиме бидејќи очекуваме дека ќе се јават поголем број на конкурентски фирми. До овој момент можам да кажам дека се пријавени три фирми, а како ќе тече постапката ќе видиме, изјави Димитриевски.

Тој ги демантираше, како што рече, сите шпекулации, за тргање на бакарниот покривач од спортската сала и нагласи дека е складиран во палети во внатрешноста на објектот и е заклучен. Советот ќе донесе одлука за продажба на материјалот, а средствата ќе се реинвестираат во објектот.

Димитриевски рече дека не може да каже со сигурност кога ќе биде завршен целиот објект.

– Нè очекуваат поголем број на фази, завршување целосно на кровниот покривач, внатрешно уредување, дополнително странично и партерно уредување и секако една од најскапите ставки во проектот, ладење и греење која ќе бара сериозни финансиски средства и во моментов не би сакал да шпекулирам. Желбите се едно, а реалноста и можностите се нешто друго и ќе зависат и од годишниот буџет на Општина Куманово и од одлуките на советот, рече Димитриевски.

Привршува санацијата на кровната конструкција на спортската сала. Реконструкцијата се спроведува преку проект од програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој од 2020 година со учество на општина Куманово.

За проектот беше потпишан договор за градба, средствата во вредност од 23.430 000 денари кои се обезбедени преку програмата, а општината учествува со 830.000 денари, соопштија претходно надлежните од Центарот за развој на североисточниот плански регион.
Спортската сала е еден од четирите големи објекти кои Владата и ги врати во владение на општина Куманово.ам/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close