Општински вестиСкопје

Општина Карпош издаде одобрение за реконструкција на спортската сала „Партизан“ и решение за изградба на затворениот пливачки базен

Општина Карпош гo издаде одобрението за реконструкција на спортската сала „Партизан“, но и решението за изградба на затворениот пливачки базен кој ќе биде изграден веднаш до овој култен спортски објект.

Скопје, 25 октомври 2021 (МИА) – Општина Карпош гo издаде одобрението за реконструкција на спортската сала „Партизан“, но и решението за изградба на затворениот пливачки базен кој ќе биде изграден веднаш до овој култен спортски објект.

Од прес-службата на Општина Карпош информираат дека градоначалникот Стефан Богоев ги потпишал овие акти, а Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја финализира постапката за избор на изведувачи за двата спортски објекти. Имено, двете јавни набавки се во фаза на евалуација на пристигнатите понуди, по што АМС ќе спроведе и е-аукции.

Од општината посочуваат дека теренските активности за реконструкција на салата и изградба на затворениот пливачки базен се очекува да започнат за триесетина дена.

Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“ општината ја започна на почетокот на 2019 година. Оттогаш се вложија сериозни напори за оваа спортска сала, која е дел од колективната меморија на скопјани да се врати во владение на општина Карпош, имајќи предвид дека со салата стопанисуваше приватен концесионер на несоодветен начин.

– По враќањето на „Партизан“ во владение на општината, трајно се отстрани заканата на овој простор да „никнат“ нови згради. Локалната самоуправа во соработка со здружението „Културно Ехо“ спроведе анкета за избор на идејно решение за реконструкција на салата. Идејните проекти беа подготвени од домашни и странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Агенцијата за млади и спорт го подготви основниот проект, по што истоимената институција објави јавна набавка за избор на изведувач за реконструкција на салата, потенцираат од општинската прес-служба.

Од општината информираат дека во овој дел од Карпош, ќе биде изграден и затворен пливачки базен, кој ќе можат да го користат учениците од општинските основни училишта, а во попладневните часови и околните жители.

– На овој начин, делот меѓу населбите Карпош 3 и Карпош 4 ќе претставува уредена спортска целина, која ќе можат да ја користат сите граѓани. Со хуманизацијата на овој простор се создаваат услови за уште поголем развој на спортот на локално ниво, посочуваат од општината.фф/лв/

Таг
Back to top button
Close
Close