Дописници МКДОпштински вести

Општина Виница стана партнер во проект за обезбедување услови за домување на ромската популација

Локалната самоуправа на Виница се вклучува како партнерска страна во проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување за Ромите во Општина Виница – СДХ“, што го реализира Здружението за поддршка на маргинализирани заедници - Ромски ресурсен центар (РРЦ).

Виница, 20 јануари 2022 (МИА) – Локалната самоуправа на Виница се вклучува како партнерска страна во проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување за Ромите во Општина Виница – СДХ“, што го реализира Здружението за поддршка на маргинализирани заедници – Ромски ресурсен центар (РРЦ).

При посетата на општината, претставници од РРЦ ги претставија целите на проектот и заложбите за унапредување на квалитетот на живеење и статусот на ромската заедница на локално ниво.

– Според проектот, предвидено е да се подготви комплетен урбанистички план за Блок 18 во Виница, каде што живее ромската популација. Се работи за површина од околу 25 хектари, при што ќе се изврши легализација на парцелите во целата Ромска населба и ќе се обезбеди регистрација на сопственоста на имотот во катастарот на недвижности. Исто така, ќе се реализираат активности за подобрување на комуналните и други услови за живеење на семејствата од овој дел на Виница, информираа од локалната самоуправа.

Проектните активности треба да завршат најдоцна до крајот на јуни годинава, за што Општина Виница дава целосна поддршка.

На средбата со претставниците од Ромскиот ресурсен центар се разговараше и за понатамошната соработка и вклучувањето на општината во слични програми што се од големо значење за подобрување на условите за живеење на ромското население. та/фф/

Таг
Back to top button
Close
Close