Верски календар

Од верските календари

13 октомври 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 септември. Денеска е Св. Григориј, просветител на Ерменија.

13 октомври 2021 (МИА)

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 септември.

Денеска е Св. Григориј, просветител на Ерменија.

Роден е во видна фамилија, по род блиска до персискиот и ерменскиот царски дом. Кога овие два дома завојуваа, свети Григориј се повлече во Кападокија. Таму ја позна Христовата вера, се крсти и ожени. Во бракот му се родија два сина, Ортан и Аростан. По смртта на својата жена, свети Григориј се врати во Ерменија и му се стави на служба на цар Тиридат. Но, кога овој дозна дека Григориј е христијанин, го стави на тешки маки, а потоа го фрли во длабока јама, сакајќи да го умртви. А Бог не заборави на својот љубен и го одржуваше во јамата цели 14 години. Во меѓувреме, откако ги погуби сестрите од еден женски манастир, Тиридат полуде. На него-вата сестра и се јави во сон некој светол маж и и кажа дека брат и нема да оздрави дури не го извадат Григориј од јамата. Кога излезе од јамата, свети Григориј го исцели и крсти Тиридат. По желба на Тиридат, Григориј потоа беше поставен за епископ на Ерменија и со помош на царот ја просвети Ерменија и околните земји со Христовата вера. Овој доброчесен маж се успокои околу 335 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Едвард, крал.

Роден е во 1004 година како син на англискиот крал Етелерд Втори. Во 1043 година бил свечено крунисан за крал. Народот го сметал за идеален монарх, чуварите на нацијата го почитувале. Тој тоа го заслужил, бидејќи додека бил жив покажувал извонредна добрина и љубов кон сите. Тој по природа бил толку благ што од неговата уста неможело да се слушне остар збор, па дури ни кон оние кои биле лоши. Кралот бил засакан од народот по укинувањето на војничкиот данок, кој му претставувал голем товар, а парите што биле собрани и сочувани со тој данок до неговото укинување, тој им ги поделил на сиромашните. Свети Едвард бил човек кој не мислел само на себе, туку и на многу други кои живееле во немаштија и беда. Умрел во 1066 година. Закопан е во црквата на Вестминстерската опатија. Народот набрзо по неговата смрт почнал да го почитува како светец. Се проповеда за големиот број на чуда кои се случувале на неговиот гроб. Кога во 1102 година му го откопале гробот и му го прегледале телото, го пронашле сочуван. Во 1161 година папата Александар Втори го прогласил за светец. Англичаните му се молат за заштита на татковината.

###

Back to top button
Close
Close