КултураКултура.Портал

Објавен преводот на книгата „Чудовиште” од бугарскиот писател Владимир Зарев

Деновиве од печат излезе преводот на книгата „Чудовиштето“ од Владимир Зарев, како 199 наслов во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа Или-Или. По издавањето на романот „Пропаст“ од истиот автор во 2019 година, Или-Или продолжува да ја следи работата на познатиот писател, чии дела од бугарски на македонски јазик ги преведува Бранислав Мирчевски. Излегувањето на книгата е поддржано од мрежата Традуки.

Скопје, 20 септември 2021 (МИА) – Деновиве од печат излезе преводот на книгата „Чудовиштето“ од Владимир Зарев, како 199 наслов во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа Или-Или. По издавањето на романот „Пропаст“ од истиот автор во 2019 година, Или-Или продолжува да ја следи работата на познатиот писател, чии дела од бугарски на македонски јазик ги преведува Бранислав Мирчевски. Излегувањето на книгата е поддржано од мрежата Традуки.

Со поднаслов „Роман за раѓањето и заминувањето, за стравот и љубовта, творештвото и слободата, за споменот и заборавот, младоста и стареењето, за ЧОВЕКОТ“, книгата на Зарев е уште еден современ роман во кој авторот ја покажува својата комплетна пишувачка зрелост. „Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза.

Роман за мудроста и големото прашање, дали е доволна за разумот на разумниот да се исправи пред моралните закони во него. Злото е привлечно, неговата појава секогаш е само навидум случајна, а всушност строго испланирана и контролирана. По преводот на романот „Пропаст“ и одличниот прием кај македонските читатели, „Чудовиштето“ е нов предизвик за сите рафинирани љубители на квалитетната литература.

– За книжевните критичари, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив.  Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на „Чудовиштето“, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ниту злото ниту омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа, напиша за делото, д-р Ана Витанова-Рингачева.

Владимир Зарев (1947) е современ бугарски писател роден во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 г. е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“. Романите му се преведувани на многу светски јазици, а Пропаст (ИЛИ-ИЛИ, 2019) по дванаесетте изданија во Бугарија стана бестселер и во Германија и САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“. Добитник е на државните награди „Иван Вазов“ и „Елин Пелин“. Во 2017 г. ја добива Државната награда „Св. Паисиј Хилендарски“ за исклучителен придонес ва развојот на националната културна идентификација и духовни вредности.

Автор е на романите: Демонот на нетрпеливоста (1975), Процес (1984), Загар (1987), Лето 1850 (1988), Пропаст (2003), Поп Богомил и совршенството на стравот  (2005), Чудовиштето (2019), на трилогијата: Битие (1978), Исход (1983) и Закон (2012), како и на повеќе поетски книги. оџ/сп/

Back to top button
Close
Close