0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталАнализаБизнисБизнис.ПорталБизнис.СлајдерЕкономијаМакедонија.СлајдерМИА Истражува

Нов почеток за патување со воз до Бугарија

Ако ги изградиме првите две делници (Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка) од железницата кон Бугарија во 2025 година преку неа би се транспортирале 6 421 тони на ден,  а со целосната изградба и на третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, во 2046 година се проектира транспорт на 22 876 тони стока.

Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) – Ако ги изградиме првите две делници (Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка) од железницата кон Бугарија во 2025 година преку неа би се транспортирале 6 421 тони на ден, а со целосната изградба и на третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, во 2046 година се проектира транспорт на 22 876 тони стока.

Без да се направи ништо, односно да не се поместат работите со изградбата, во 2025 година во нашиот дел на Коридорот 8 би имало транспорт на  4 967 тони стока што би се пренело генерално со камиони, а во 2046 година таа бројка би изнесувала 12 132.

Овие податоци се дел од ажурираната физибилити студија за исплатливоста на проектот за изградба на железничката пруга кон Бугарија, изработена во 2017 година. Капиталниот проект што беше стопиран пред две години официјално ќе продолжи со реализација утре во присуство на политичари од двете држави. На настанот, што го најави Владата на местото Шупли камен во Општина Куманово, е предвидено да се обратат премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев, ресорни министри и претставници од институции, претпријатија и компании вклучени во проектот.

Скопје да биде мултимодален логистички центар 

Поткрепа на економската оправданост на тридеценискиот проект ветуван од повеќе влади треба да се обезбеди со мултимодален логистички центар во Скопје за транспорт на стока на коридорите 8 и 10.

-Главна цел со изградбата на Коридорот 8 покрај другите карактеристики е тоа што Скопје ќе биде логистичкиот центар во овој дел на Европа водејќи сметка дека се вкрстуваат двата коридора 8  и 10, се поврзуваат Јонското и Средоземното море со Егејското и со Црното Море дека се поврзуваат повеќе држави и дека ќе биде крстосница на огромна количина  на луѓе и стока која би требало да се прераспредели од централен јазол и со тоа всушност ја зголемуваме не само економската, туку и геостратешката важност, вели за МИА директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Хари Локвенец.

Тој вели дека сега не може да се зборуваме за конкретни бројки, но веќе се работи превентивно на економската оправданост на изградбата на Коридорот 8, а иницијативите се преточени во документи за градба, за почеток на еден мултимодален терминал, чиј број потоа би се зголемил. Тоа би било место за прераспределба на робата која е пристигната до Скопје, со истиот или со друг вид транспорт.  Со изградбата на оваа пруга, Локвенец очекува дека значително ќе се зголемат 500-те милиони евра трговска размена со Албанија, а размената со Бугарија би надминала милијарда евра.

Каде застанавме и што планираме? 

Плановите на домашните институции се источното железничко крило на Коридорот 8 да го завршиме до 2027 година, а западното до 2030 година. Од вкупно 300 километри од Коридорот 8 низ нашата држава, се изградени половина, во фаза на градба се две третини од пругата која треба да се гради, целосно треба да се изгради уште третина, а целиот проект би се заокружил до крајот на деценијава.

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива  Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри.

Повеќедецениската историја на пругата кон Бугарија потсетува дека проектот е стар 28 години, а на терен  повторно треба да го оживеат турската „Ѓулермак“ и европската компанија „Штрабаг“ со кои летоска беа потпишани договори. Претходниот изведувач, германски „Вибе“ се повлече од изградбата на пругата пред две години,. „Штрабаг“ треба да ја продолжи и изгради првата делница од Куманово до Бељаковце во вредност од 40,5 милиони евра. Таму се планирани три железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Клечовце и Довезанце.  „Ѓулермак“, пак, со 155 милиони евра треба да ја изгради втората делница во должина од 34 километри. На овој потег ќе бидат изградени две железнички станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта во вториот дел на пругата.

Според ревизорите, на првата фаза од Куманово до Белјаковце  се изградени 54 проценти, а остатокот треба да се заврши за година и половина до две. За 34-те километри од втората фаза, рокот е три години. Во таа фаза од 90-те години се изградени столбови за мостовите, некои веќе се и пробиени, а сето тоа е дел од работната задача на новиот изведувач. За третата делница во тек е подготовка на тендерската документација. За 24-те планирани километри, проценетата вредност за изградба од 2017 година без влијанието на инфлаторните промени од изминатиот период, изнесува 405 милиони евра. Ќе се градат 24 тунели и 51 мост во тек на четири години. За оваа делница имаме добиено 61 милион евра грант од ИПА 2 програмата, а годинава дополнителни 155 милиони евра од  ЕУ преку WBF. Станува збор за вкупно 216 милиони евра грант средства, или приближно 55 проценти грант за вкупната инвестиција. Работите би требало да почнат кон крајот на следната година.

За западното крило на Коридорот 8, пругата Кичево-Лин, плановите се по стартот со работа на третата делница кон Бугарија, капацитетите да се пренасочат кон изготвување на документацијата за потврдување на направената, а паралелно да се водат постапки и комуникацијата со ЕУ со обезбедување и на средства.

Товарен превоз преку 20 индустриски колосеци, неискористени траси во патничкиот сообраќај 

Во државава вкупно има 700 километри пруги, но во таа бројка влегуваат и станичните колосеци, од кои на секоја станица има од два до пет со должина од 800 до 1000 метри. Сопственик на главната пруга е државното претпријатие МЖ Инфраструктура, која ги одржува и индустриските колосеци кои ги поседува индустријата. Ако до 90-тите години постоеле 80 индустриски колосеци, сега тие се сведени на 20-тина.

Главната железничка артерија на државава е Коридорот 10, кој ги поврзува граничната станица Табановце со Граничната станица со Гевгелија, како поврзување на егејските пристаништа со Централна Европа. Коридорот 10 има свој крак 10Д кој се исклучува во Велес и преку Прилеп, Битола и Кременица стасува до границата со Грција. Со изградениот дел од Битола до границата со Грција се направени сите предуслови за да се обезбеди алтернативна рута во случај на какви било незгоди, а и зголемен обем на транспорт.  На 6 јуни годинава, ЈП Инфраструтура ја доби употребната дозвола од Министерството за транспорт и врски, со што нашиот дел од работата е завршен, а се чека активност од страна на Грчките железници.

Покрај на Коридор 10 кон Грција, имаме поврзување со железничка инфраструктура од Велес, преку Штип до Кочани. Следното поврзување е од Скопје до границата со Косово, а четвртиот правец е од Скопје, Тетово, Гостивар до Кичево. Тие пруги, според раководството на МЖ Транспорт, се активни и подготвени за потребите на транспортните и шпедитерските претпријатија.

Проектираната брзина на пругите во државава е 100 километри на час, но според показателите на МЖ Инфраструктура, товарните возови во просек се движат со 55 километри на час, а патничките 75 километри на час.  Во таа пресметка се вклучени брзината на возните локомотиви, потрошеното време на станиците и при вкрстосување со други возови, оштетувањата на пругите кои се поврзани со бавни возења или со одредено временско ограничување или затворање на самата пруга, како и географската поставеност и кривините.

Според сегашната состојба, МЖ Транспорт има побарано траси за возови на релација Табановце-Гевгелија, односно Скопје-Гевгелија, Скопје-Велес и Велес-Битола. Иако се функционални пругите, нема сообраќај на патничките релации Скопје-Кочани, Скопје-Кичево и Скопје-Волково, а се уште не се обновени меѓународните возови.

Последните официјални податоци покажуваат дека во патничкиот сообраќај во вториот квартал годинава се остварени 216 илјади возни километри, за процент повеќе во однос на истиот период лани, поради подобра искористеност на трасите. Во мај годинава не сообраќаа возовите на релација Скопје-Кочани, а во јуни на релацијата Скопје-Табановце. Сообраќајот во вториот квартал се одвивал со 1856 воза, што е зголемување на бројот на возови за 1,7 проценти во однос на истиот перод од 2021 година. Кај товарниот  сообраќај, пак, од почетокот на април до крајот на јуни се остварени 126 илјади возни километри и се намалени за 24,14 проценти во споредба со истиот период од минатата година. Намалувањето, според финансискиот извештај на МЖ Инфраструктура, е заради неискористеност на трасите и намален обем на товарниот сообраќај, а заради економската криза. Сообраќајот се одвивал со 1239 воза што е за 22,3 проценти помалку споредено со истиот период од минатата година.

За одржување на железничката инфраструктура  државава годишно одвојува околу пет милиони евра, а обезбедувањето на средствата е уредено со Законот за железнички сообраќај. Приходи се обезбедуваат од услугите за одржување на пругите и за премин преку пруга од транспортни претпријатија, но поради одложената либерализација до влезот на државата во ЕУ, единствен корисник е МЖ Транспорт.

Возот до Софија „тргна“ во 1994 година

Изградбата на пругата кон Бугарија е почната во 1994 година. За таа намена се одвојувани пари од државните буџети до 2004 година, кога е стопирана изградбата. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на нови делови. На барање на изведувачот, германската „Вибе“, во јуни 2020 година беше раскинат договорот и прекинати работите на првата делница на која беше ангажиран изведувачот. Со договорот со изведувачот, беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, но поради проблеми при изведбата, претежно од имотно правен карактер беше потпишан анкес со рок за изградба до февруари 2020 година по што работите беа прекинати со реализирани 54 проценти, а државата најави арбитражна постапка. Во февруари лани ЈП МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер за доизградба на првите две делници од пругата. Од вкупно дваесетте доставени апликации, осум беа за првата делница Куманово-Бељаковце, а 12 за втората. Тендерската постапка се заокружи со изборот на новите изведувачи  „Ѓулермак“ и „Штрабаг“ со кои беше потпишан договор во јули годинава.

Лидија Велковска 

Таг
Back to top button
Close
Close