Посетете ја новата веб страна на МИА
Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Нови донации за доброволното друштво „Пехчевски Пожарникари“

Последната опрема, како што информираа од ДПД „Пожарникари Пехчево“, е од локални помагатели кои ја подржуваат работата на пожарникарите волонтери од малешевската општина.

Делчево, 4 декември 2022 (МИА) – Доброволното противпожарно друштво „Пожарникари Пехчево“ доби нови донации за доопремување на единицата која започна со работа пред шест месеци.

Последната опрема, како што информираа од ДПД „Пожарникари Пехчево“, е од локални помагатели кои ја подржуваат работата на пожарникарите волонтери од малешевската општина.

– Опрема добиваме речиси секојдневно и истата е од огромно значење за нашата работа. Последната која ни пристигна е комбе ТАМ, а претходно добивме и седум радио врски за полесна комуникација. За таа цел изразуваме благодарност до нашиот сограѓанин Александар Ѓорѓиевски, кој е всушност и најголем донатор досега. Секако благодарност и до останати фирми кои на различен начин ни ја искажуваат својата поддршка, истакнаа од ДПД „Пожарникари Пехчево“.

Општина Пехчево нема сопствена противпожарна единица, поради што, како што додадоа, од огромна важност е функционирањето на доброволната единица.

– Формирани сме пред шест месеци, и претходно имавме повеќе донации од кои најголемата е донацијата од Австрија, како и помошта за опремување на возниот парк од Општина Пехчево. Сите знаеме што се случи пред година ипол кога беа уништени белите дробови на Малешевијата. Поради тоа итно решивме дека во услови кога во Пехчево немаме Територијална противпожарна единица, да биде формирано доброволно друштво кое ќе биде задолжено за интервенции не само на пожари, туку и онаму каде ќе биде потребна нашата помош, додадоа од ДПД „Пожарникари Пехчево“.

Пехчевското доброволно противпожарно друштво брои околу 25 членови и досега учествувале во гасење на помали пожари на територијата на Општината Пехчево и соседните општини. вс/цр

Таг
Back to top button
Close
Close