0_Web_Насловна-слајдер0_МИА Истражува.ПорталМакедонија.СлајдерМИА ИстражуваОпштествоТема

Новинарите недоволно заштитени при известување од кризни подрачја

Заштитната опрема за новинарите наменета за конфликтни ситуации е од големо значење за безбедноста на медиумските работници. Постојат земји во кои свесноста за потребата од обезбедување на целосна заштита на новинарите е на високо ниво. Сепак, има и такви во кои медиумскиот работник известува од конфликтни и други ризични подрачја, недоволно заштитен.

Скопје, 22 јануари 2022 (МИА) – Заштитната опрема за новинарите наменета за конфликтни ситуации е од големо значење за безбедноста на медиумските работници. Постојат земји во кои свесноста за потребата од обезбедување на целосна заштита на новинарите е на високо ниво. Сепак, има и такви во кои медиумскиот работник известува од конфликтни и други ризични подрачја, недоволно заштитен.

Се чини дека нашата држава спаѓа во втората група. Според Здружението на новинари на Македонија за тоа сведочат ситуации во кои новинари известувале од насилни протести, а притоа не поседувале заштитна опрема на себе која може да ги заштити од физичката агресија од страна на учесниците во конфликтите.

Од ЗНМ сметаат дека медиумите не се доволно опремени за работа во конфликтни и други ризични ситуации. Оттаму велат дека е потребна континуирана работа и едукација во унапредувањето на знаењата и вештините на новинарите и медиумските работници во земјава околу известувањето од конфликтни или кризни настани.

-Иако бројот на физички напади на новинари е намален во последните две години,сепак, според публикациите кои ги имаме издадено на оваа тема, потребно е предвид да се земат неколку аспекти. На настани за кои е укажано или пак има сомнеж дека може да има насилство, потребно е уредниците, во такви околности, да дадат задачи на терен да одат поискусни новинари и новинари и медиумски работници како сниматели и фоторепортери кои се во добра физичка кондиција. Во зависност од околностите, присутните новинари како и снимателите и фоторепортерите треба да имаат заштитен шлем и заштитен елек на кои јасно ќе биде обележано дека станува збор за новинар, маска за лице во случај на употреба на солзавец, заштитни очила и слично, изјави Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија.

Тој смета дека со поседувањето на ваквиот вид опрема се заштитува не само физичкото, туку и психичкото здравје на новинарот, снимателот или фоторетпортерот кое, исто така, може да биде нарушено поради претрпен стрес и траума од несакани физички повреди и насилство.

Психолозите појаснуваат дека чувството на несигурност и небезбедност во голема мера влијае врз рационалното размислување, дејствување и концентрација. Со други зборови, стравот и несигурноста негативно се одразуваат врз професионалноста на личноста која се соочува со стресна ситуација во моментот.

-Нормално е да се одрази врз професионалноста затоа што за каков и работник да станува збор, на каква и позиција да работи или се наоѓа на одредена функција, пред сѐ е човек, а човекот е ранлив и несовршен. Кога човек е на своето работно место и за време на работа добива чувство дека е загрозен и перцепира дека постои можност од одреден вид опасност која може да го загрози неговиот физички интегритет, и да придонесе за нарушување на стабилноста на личноста на психолошки и емоционален план, за очекување е тоа да резултира врз неговата професионалност и неговото понатамошно функционирање, оценува психологот Атанас Иваноски.

Од друга страна, долгогодишниот снимател Аслан Вишко потврдува дека во конфликтни ситуации, адреналинот и стресот се најприсутни чувства.

-Штитејќи се себе си, неизоставен дел од самата работа во тој момент е адреналиот кој расте до степен на невозможност за контролирање од желба за поефективно известување. Сме имале многу таквии ситуации од кои што неколку пати сме завршиле во болници, во полиција, со скршена опрема, со повреди, појаснува Вишко.

Новинарите се согласни дека заштитна опрема како прва помош, средства за сигнализација, заштитни очила и слични алатки се нешто што недостига кај сите медиуми.

Здружението на новинарите на Македонија како генерален заклучок има изградено став дека менаџментот и сопствениците на медиумите не инвестираат доволно во заштитна опрема за своите вработени кога се тие изложени во ситуации да известуваат од настани од висок ризик.

-Проблемот од недостиг на опрема лежи и во инертноста на менаџментот во дел од медиумите. Игнорирањето на оваа тема практично е и во претпоставка дека додека не се случи повреда на новинар, на снимател или на фоторепортер на терен, нема потреба од заштитна опрема како и обука за медиумските работници во таквите ситуации. Втората причина, според укажувања на дел од уредниците, е дека менаџментот нема доволно средства да обезбеди заштитна опрема за новинарите поради неповолната финансиска кондиција во која генерално се наоѓаат медиумите, појаснува Драган Секулоски, од ЗНМ.

Дополнително, тој оценува дека тоа што можат медиумите да го направат е да ги поттикнат новинарите и медиумските работници да се зачленат во еснафските новинарски организации каде што сепак периодично се организираат обуки и ресурси на теми поврзани со безбедноста на новинарите и медиумскуитре работници, а тие обуки се бесплатни.

-Безбедноста на новинарите и медиумските работници е предуслов за професионално вршење на новинарските обврски и за објективно и навремено информирање на граѓаните. Гарантирањето на безбедноста на новинарските екипи го демонстрира и демократскиот капацитет на едно општество, бидејќи на тој начин се остава простор новинарите слободно да ја вршат својата професија во насока на задоволување на јавниот интерес, вели тој.

Од Здружението информираат дека токму поради овие причини, прашањата за безбедноста на новинарите се и едни од основните индикатори со кои се занимава и Европската Комисија при набљудувањето на државите кои имаат статус на земји кандидат членки за во Европската Унија.

-Во годишните извештаи на Европската Унија, во поглавјето 23 кое се однесува на судството и човековите права, освен степенот на слободата на изразување се даваат и квалификации во контекст на безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и политиката на неказнивност во случаи на повреда на нивните права. Од овие причини важно е да се дава значење на темите поврзани со безбедноста на новинарите и новинарската фела заедно со академската да нуди решенија на извршната и законодавната власт кои потоа ќе служат за создавање на систем во кон новинарите безбедно ќе можат да ја вршат својата професионална работа, заклучува Секулоски.

За споредба, како што вели Секуловски медиумите во развиените земји повеќе внимание обрнуваат на гарантирање на социјалните и правата поврзани со безбедноста на новинарите на терен, а истовремено и на неказнивоста, кои од страна на институциите не се толерираат.

Инциденти се случуваат секаде и тоа е неспорно. Но, генералниот заклучок е дека разликата со земјите кои се во развој како што е Република Северна Македонија, е недоволниот капацитет на институциите да ги откријат и казнат оние кои ги прекршиле правата на новинарите. Од тие причини и Северна Македонија се наоѓа ниско на глобалните индекси за слобода на изразување.

Според Здружението, сè додека оваа пракса не се промени, не можеме да се каже дека новинарите и снимателите ја уживаат заштитата како од самите медиуми за кои работат, така и од институциите на државата.

Симона Србиноска

Таг
Back to top button
Close
Close