0_Магазин.ПорталНаука и технологија

Нова „батерија на иднината“ за електромобили

Научници од Универзитетот на Калифорнија, со стручни лица од Сан Диего и компанијата „Ел-џи“ работеа на пронајдокот. Тие успеаја да создадат стабилна батерија со високи перформанси, со чиста силиконска анода.

Лос Анџелес, 28 септември 2021 (МИА) – Меѓународен тим научници ја создаде првата комбинирана батерија со високи перформанси за електрични возила. Пронајдокот е образложен во списанието „Сајенс“.

Научници од Универзитетот на Калифорнија, со стручни лица од Сан Диего и компанијата „Ел-џи“ успеаја да создадат стабилна батерија со високи перформанси, со чиста силиконска анода. Научниот труд говори дека за време на експериментот било можно да се комбинираат две технологии за производство на батерии за електрични возила – во една.

Првичните тестови покажаа дека „батеријата на иднината“ е безбедна, издржлива и енергетски ефикасна. Според експертите, таа може да се користи и во самостојни електрични системи.

Научниот напис наведува дека силиконските аноди се познати по својата густина, т.е. концентрација на енергија, што е десетпати поголема од онаа на јаглеродните аноди. Проблемот со тврдите батерии е што кога се користат во студено време, потребно е да се потроши дополнителна енергија за да се подигне температурата. Според наводите, силиконската анода ги надминува овие проблеми. Новата батерија овозможува и побрзо полнење на пониска температура, додека поддржува висока енергетска густина.

– Благодарение на најновите откритија, „Ел-џи“ е многу поблиску до воведување на целосно цврста технологија за батерии што нашиот опсег на батериите ќе го направи значително поразновиден, изјави извршниот директор на компанијата, Мјунг Хванг Ким.

Научниците велат дека во лабораторија, батеријата задржува околу 80 отсто од својот капацитет по 500 циклуси на полнење.  си/гт/

Таг
Back to top button
Close
Close