Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Новата локална власт во Свети Николе против изградбата на регионалната депонија кај Мечкуевци

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев и мнозинството советници на ВМРО ДПМНЕ се против изградбата на регионалната депонија кај селото Мечкуевци. Тие ќе бараат распишување на референдум за или против изградбата на депонијата во која што ќе се носи и преработува отпадот од 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион.

Штип, 26 јануари 2022 (МИА) – Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев и мнозинството советници на ВМРО ДПМНЕ се против изградбата на регионалната депонија кај селото Мечкуевци. Тие ќе бараат распишување на референдум за или против изградбата на депонијата во која што ќе се носи и преработува отпадот од 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион.

Владев за МИА објаснува дека својот став веќе го изнесуваат и преку неизборот на членови на Управниот и Надзорниот одбор на новото регионално претпријатие, кое треба да стопанисува со фабриката за отпад. Посочи дека општините Куманово, Штип и Кочани во овие одбори ќе имаат по четири членови, а тие како општина каде што ќе биде лоцирана фабриката имаат само по еден член во Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието. Вчера имал и состанок со државниот секретар во Министерството за животна средина, а на кој ги изнел ставовите.

-На состанокот по вторпат ги пренесов нашите идеи во врска со оваа депонија и понудив можност еве да се најде нова локација, којашто не би влијаела на животот и на работата на граѓаните на Свети Николе. Сега понатaму централната власт треба да си преземе чекори со тоа што ми напоменаа и ми кажаа дека можеби ќе се најде некој модул, со кој би ни ги земале ингеренциите, бидејќи ние нема да избереме член на Надзорен и Управен одбор, бидејќи имаме апсолутно мнозинство во Советот. Девет советника од вкупно 15 се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата коишто се од ист став, а верувам дека и советниците од СДСМ и Левица се против, вели Владев.

Toj најави дека  ќе распише и референдум за или против изградбата на регионалната депонија, во којашто отпадот треба да го носат 18 општини од истокот и свероистокот. Но и претходната локална власт имаше таква иницијатива, па пропадна. Тогаш  образложија дека Општина Свети Николе веќе имала потпишано договор, во кој ако го раскине се обврзува да ги плати сите досегашни трошоци за проектот од грантот на Европската унија.

Општините од штипскиот и кумановскиот регион и Свети Николе веќе имаат искористено дел од европските пари за набавка на камиони и контејнери за отпад. Комуналните претпријатија веќе ги користат за депонирање на сметот. По пат на меѓунареден тендер избрани се и компании што треба да ги исчистат сите нестандардни депонии. Овој проект чини 46 милиони евра, меѓу кои и изградбата на фабриката за отпад.вдј/лв/

Back to top button
Close
Close