0_Спорт.ПорталОстанатоСпорт

Неповолен расплет за Давидовски во Белгија

На патека „Спа Франкоршамп“, викендот се одржа третата рунда од Европското првенство за возила со ТЦР хомологација каде што Виктор Давидовски отпатува како победник од претходната рунда возена на Пол Рикар.

Скопје, 20 јуни 2022 (МИА) – На патека „Спа Франкоршамп“, викендот се одржа третата рунда од Европското првенство за возила со ТЦР хомологација каде што Виктор Давидовски отпатува како победник од претходната рунда возена на Пол Рикар.

Но, за разлика од убавиот расплет на трката во близина на Марсеј, на ова гран при во Арденските шуми ништо не одеше во корист на македонскиот возач.

– За разлика од патеката во Франција, на патеката во Белгија не се чувствував како да имам искуство. Минатата година ја пропуштив трката, пред две години возев на дожд, а исто така пред тоа имав големо излетување на влажна патека кое уште го паметам. Оваа година со нов автомобил и нови гуми, цел викенд се возеше на суво, беше просто неспоредливо и ми требаше повеќе време во тестирање. Возилото на Ауди генерира голем воздушен потисок и тоа во одредени моменти правеше проблем бидејќи се јавуваше подуправливост, која влијаеше за побрза деградација на гумите. Мислам дека тоа се одрази на штелувањето на автомобилот, едноставно немав сетап со кој би бил поагресивен, а тоа понатаму се рефлектираше врз резултатите, изјави Давидовски.

Македонскиот автомобилист го отвори викендот со резултат од 2:34.276 на првиот тренинг, за веќе во вториот да напредува до 2:31.993. Во квалификациите се чинеше дека е можно да се смне до резултат под 2 минути и 31 секунда (Коронел имаше 2:31.002, а Џиролами беше на пол позиција со 2:30.110), но мало недоразбирање со тимскиот колега го спречи во тоа и постави време од 2:32.041 по што се пласираше на 15. место.

– Во најдобри околности, мислам дека можев да влезам во втората сесија на квалификациите, па од таму да се борам за пласман меѓу 5. и 10. место. За жал, при летечкиот круг во квалификациите си попречивме со Џиролами и тоа дополнително ми ја отежни ситуацијата на стартот. Ако на сите овие проблеми се додаде и тоа дека добивме дополнителен баласт од организаторот по добрите резултати на претходните трки, сликата за тоа колку беше тежок овој викенд е донекаде комплетна. Франко покажа одлична приспособливост и успеа да извади максимум, при што очекував јас и Коронел со помали проблеми да бидеме некаде веднаш зад него, открива Давидовски.

Лошата среќа не беше дел само од гаражата на Виктор Давидовски, туку во првата трка Џиролами ја испушти победата и заврши втор зад Калјехас. Коронел кој во првата трка се мачеше со Клим Гаврилов, во втората трка беше најдобар од нивното трио и стигна до третата позиција, откако беше престигнат на стартот од Мато Хомола кој му го „украде“ второто место. Давидовски во првата трка беше единаесетти, а во втората трка беше удрен од Германди во последниот круг и заврши на 21. место.

– Иако во првата трка имав подобар пласман, гумите ми беа истрошени по само неколку круга, без оглед што веднаш по стартот имаше инцидент и три круга возевме зад возилото за безбедност. Во втората трка имавме подобрување и на штелувањето и на однесувањето на пневматиците, но од таа стартна позиција чуда не беа можни. Судирот во кој бев инволвиран на крајот стави печат на овој фрустрирачки викенд,- изјави единствениот македонски возач во ТЦР Европа по трката на Спа Франкоршамп.

Следната трка е за 14 дена во Германија на Норисринг. зс/

Таг
Back to top button
Close
Close