Дописници МКДОпштински вести

На Осоговските Планини одбележан Денот на европската мрежа Натура 2000

Во туристичкиот инфо-центар на Пониква на Осоговските Планини денеска беше одбележан Денот на мрежата на подрачја вклучени во европската мрежа Натура 2000.

Кочани, 20 мај 2022 (МИА) – Во туристичкиот инфо-центар на Пониква на Осоговските Планини денеска беше одбележан Денот на мрежата на подрачја вклучени во европската мрежа Натура 2000.

На настанот присуствуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, од Локалната самоуправа на Кочани, од Македонското еколошко друштво, како и претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка, Фармахем од Скопје и други гости.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање и претседател на управниот одбор на Програмата за зачувување на природата, Каја Шукова го истакнба значењето на мрежата Натура 2000 за заштита и зачувување на природата на национално и европско ниво.

– Денес, кога го одбележуваме 21 мај, денот на Европската директива за живеалишта, ми претставува задоволство да истакнам дека во Источниот Плански регион, делови од Малешево заедно со Долна Брегалница и Овче Поле веќе се идентификувани како потенцијални подрачја за Натура 2000. Министерството, во соработка со Фармахем, Македоснкото еколошко друштво и национални експерти преку Програмата за зачувување на природата, спроведе низа активности поврзани со Натура 2000, вклучително и изработка и пополнување на стандардни формулари за Натура 2000 за Малешево, Долна Брегалница и Овче Поле, комуникација со засегнати страни, изработка на промотивен материјал, кампања со локалните чинители, како и идентификација на живеалишта, растенија, животни и птици од ЕУ значење, истакна Шукова.

Во рамки на активностите за оваа година, Минстерството за животна средина ќе продолжи со мониторинг на животинските и растителни видови и нивните живеалишта, а ќе изработува и Планови за управување со идентификуваните подрачја Натура 2000, за создавање нови можности преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин кој не ја загрозува природата.

-Чест ни е што оваа година одбележувањето на денот на Натура 2000 се случува на Осоговските Планини, пределот којшто неслучајно го носи називот заштитено подрачје. Овој настан ќе придонесе кон промоција на природните богатства кои ги поседува целиот планински регион, кон применување одржливи практики во земјоделството и шумарството, како и кон унапредување на можностите и развој на екотуризмот, истакна градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов.

На настанот се обрати и помошник директорот на ЈП „Национални шуми“, Маре Басова – Тело за управување на заштитениот предел „Осоговски Планини“, при што укажа дека според расположливите податоци, на Осоговските Планини се среќаваат околу 185 меѓународно значајни видови според светската црвена листа на загрозени видови или според директивите на Европската Унија за птици и живеалишта, Бернската и Бонската конвенција. Исто така, 10 видови се т.н. „осоговски ендемити“ кои единствено живеат на Осоговските Планини.

Во рамки на настанот беше прикажано промотивно видео и отворена изложба на фотографии со тематика од Осоговските Планини, а имаше и организирана посета на локалитетот „Панаѓур“. та/мч/

Back to top button
Close
Close