0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталЛокални избори 2021Македонија.СлајдерПолитикаПолитички партии

На најавата на Мицкоски за ново парламентарно мнозинство, партиите од владејачката коалиција со порака дека остануваат во Владата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера повторно ги повика сите политички партии да се здружат во ново парламентарно мнозинство, на што партиите од владејачката коалиција порачаа дека остануваат дел од актуелната Влада предводена од СДСМ и дека нема потреба од нови парламентарни избори. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев оцени дека ваквите пораки ги разобличиле сите дезинформации на ВМРО-ДПМНЕ за наводни нови мнозинства, нагласувајќи дека владините партнери продолжуваат да работи посветено заедно за доброто на граѓаните.

Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера повторно ги повика сите политички партии да се здружат во ново парламентарно мнозинство, на што партиите од владејачката коалиција порачаа дека остануваат дел од актуелната Влада предводена од СДСМ и дека нема потреба од нови парламентарни избори. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев оцени дека ваквите пораки ги разобличиле сите дезинформации на ВМРО-ДПМНЕ за наводни нови мнозинства, нагласувајќи дека владините партнери продолжуваат да работи посветено заедно за доброто на граѓаните.

Заев вчера на прес-конференција упати благодарност до партнерите од владината коалиција кои во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваат „заедно на демократскиот и европскиот пат“ и ги потврдија своите заложби „државата да продолжи да се движи напред“.

– Во овие моменти навистина значи јасно и јавно искажаната определба да бидеме обединети во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и во обезбедувањето подобра иднина за целиот наш народ. Денеска се разобличија сите дезинформации кои ги слушавме претходните денови за наводни нови мнозинства. Денеска имаме јасна потврда, имаме владино мнозинство и владина коалиција која е стабилна, обединета, коалиција која го води нашето општество напред, силна и сплотена. Продолжуваме да работиме посветено заедно за доброто на граѓаните, истакна Заев.

Осврнувајќи се на резултатите од првиот изборен круг Заев истакна дека Владата добила „жолт картон“ од граѓаните и од тоа колку ќе го послушаат нивниот глас ќе зависи дали тој ќе стане „црвен“.

– Граѓаните ни упатија јасна критика, опомена, би рекол и казна, ние тој став, тој глас го слушаме, го разбираме и го уважуваме. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел, да се обединиме сите. Во име на се што постигнавме досега сакам да пратам јасна порака на заедничко дејствување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, додаде Зоран Заев.

Тој истакна дека повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки, бидејќи СДСМ е партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив, учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните.

– Народот на 31 октомври ќе одлучи дали е за слобода, демократија, интеграции и дома и во ЕУ или е за нов режим и нови поделби дома и кавги со соседите и светот. На 31 октомври народот всушност ќе ја донесе одлуката за се. Целосно, комплетно. Народе мој, демосот во демократијата одлучува, до народот, до секој од вас, до нас, поединечно и персонално: да не се враќаме назад, да се исправиме, да се обединиме и да одиме напред. Борбата не чека. Борба за подобар економски стандард, борба за интеграција во ЕУ, за подобро владеење на правото, за повисоки плати и пензии, за повеќе среќа дома, а не нови кавги, поделби и уназадувања. Сограѓани мои одиме напред, ајде на гласање на 31-ви за најдоброто, порача Заев.

Стабилноста на Владата ја потврди и портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, која изјави дека владината коалиција не само што е стабилна, туку и дека очекува таа да се прошири по изборите.

– Нема ниту ново парламентарно мнозинство, ниту потреба од предвремени парламентарни избори. Владината коалиција е стабилна, а по изборите, очекуваме парламентарното мнозинство и да се прошири, истакна Османи на прес-конференција.

Лидерите на партиите од Движењето „Одлучно за промени“, ЛДП и ДОМ, Горан Милевски и Маја Морачанин порачаа дека остануваат во владината коалиција.

Морачанин ги демантираше шпекулациите дека се во преговори за ново парламентарно мнозинство, посочувајќи дека државата мора да продолжи да оди напред по еден прогресивен европски пат. Милевски, пак истакна дека нема логика Владата да се нарушува, но дека сериозно ќе го послушаат гласот на граѓаните и сериозно ќе разговараат со владините партнери за продолжување на соработката.

И Беса порача дека владејачката коалиција е стабилна и дека партијата останува дел од „стабилното владино мнозинство“.

– Владиното мнозинство е стабилно и работи исклучиво во интерес на граѓаните. Напредокот на земјата е нашата највисока заедничка цел. Северна Македонија продолжува напред со стабилна Влада по демократскиот и европскиот пат, се наведува во соопштението на Движењето Беса.

Демократскиот сојуз, исто така, порача дека останува дел од „стабилното владино мнозинство“ и „цврсто стои на ставот дека треба да продолжиме заедно со цел Македонија да се движи напред“.

– Остануваме цврсто определени за реформите кои обезбедуваат да останеме на патот кон Европската унија, да јакне стабилноста и економскиот развој. Само сите заедно можеме да направиме пресврт и во вториот изборен круг да обезбедиме победа а со тоа поддршка на владините политики кои се во интерес на граѓаните, истакна ДС.

Демократската партија на Албанците (ДПА) порача дека продолжува да биде дел од актуелната Влада, „давајќи го својот скромен придонес за благосостојбата на граѓаните, реформскиот процес и процесот на интеграција на земјата во Европската Унија“, а ВМРО-Народна партија нагласи дека владината коалиција има стабилно парламентарно мнозинство и мора да се реализира зацртаниот пат кон конечна интеграција во ЕУ и за развој на демократското општество и стабилен животен стандард, како и раст и развој на економијата.

Потврда за стабилноста на владината коалиција и дека остануваат во актуелното парламентарно мнозинство и движењето по демократскиот и европски пат дојде и од Нова Алтернатива, Партијата за европска иднина (ПЕИ), Демократската партија на Турците (ДПТ), Сојузот на Ромите од Македонија (СРМ), Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Демократски сојуз на Власите од Македонија (ДСВМ), Партијата за општествен и економски напредок (ПОЕН), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Партијата на пензионери (ПП), Партијата за економски промени 21 (ПЕП 21)…

Ваквите реакции на партиите од владејачката коалиција уследија откако Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски ги повика сите политички партии на обединување во нов блок и здружување во ново парламентарно мнозинство.

– Без разлика дали се леви, десни, центар, либерални или конзервативни, да ни се придружат во овој блок за Македонија и за сите нејзини луѓе. Да формираме едно ново парламентарно мнозинство, да ги засукаме ракавите и заедно со градоначалниците кои се веќе избрани во првиот круг и оние кои ќе бидат  избрани во втор круг, но и останатите кои не се дел од оваа коалиција, да работиме за сите граѓани, изјави  Мицкоски.

Коментирајќи ја пораката на претседателот на Левица, Димитар Апасиев преку социјалните мрежи дека „не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење“, бидејќи „коалицирањето ќе ја разводни идеологијата и од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“, Мицкоски изјави дека е „малку бил збунет“ од ваквата комуникација на лидерот на Левица.

– Но, еве, оставам да изберат каква сакаат тие соработка со блокот, дали тоа ќе биде во рамки на формална коалиција, дали ќе ги поддржат кандидатите, оставам на нив тие да одлучат… Местото на гласачите на Левица е овде, заедно со најголемата коалиција за Македонија на сите луѓе, рече Мицкоски.

Тој ги оцени и како „полувистини“ наводите дека Алтернатива „се приближува на коалицијата на СДСМ“, додавајќи дека телефонски разговарал со лидерот на оваа партија Африм Гаши, за  кого рече дека „го чувствува како пријател и искрен политичар на кого може да се потпре“.

– Утре ќе се видам и со господинот Зијадин Села и ќе поразговарам и со него. Апсолутно верувам на таа коалиција – Алтернатива и Алијанса… Кандидатите кои се од партии што се дел од коалицијата „Обнова за Македонија“, ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено ги поддржува и истата таа поддршка важи и за кандидатите на коалицијата Алијанса – Алтернатива, рече вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на прес-конференцијата на Заев, Мицкоски рече дека премиерот не кажал ништо ново.

– Повторно зборуваше за минатото, за некаков режим, за истите флоскули во кои никој не му верува. Сака да заборавите дека пет години е на власт и пробува повторно да го потцени народот, изјави Мицкоски додавајќи дека „по смената на централната власт заедно со локалната“, државата заеднички ќе ја внеселе во ЕУ.

Во меѓувреме, до Државната изборна комисија (ДИК) до вчера беа поднесени вкупно 13 приговори за постапката за гласање и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите за локалните избори што се одржаа во неделата. До Комисијата четири приговори поднела Коалицијата предводена од СДСМ, шест Алијанса за Албанците и Алтернатива, а три Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Државната изборна комисија дополнително ќе закаже седница за разгледување и одлучување по приговорите. Според роковникот за изборни дејства, ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), пак, вчера на јавна седница ја отфрли претставката за изборни нерегуларности за Локалните избори 2021, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, заради одлуката на Владата донесена на 111-тата седница одржана на 13 октомври со која даде согласност за договор за доделување финансиска поддршка за 160 правни лица врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен на два дена пред објавување на изборите.

Од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ на 15 октомври до ДКСК поднеле приговор во кој се содржани наводи за прекршување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик во кои бараат да се преземат сите законски дејствија и да поведе постапка за одговорност пред надлежните органи заради тоа што по распишувањето на изборите на 6 август годинава Владата донела одлуки за давање на согласност за договор за доделување финансиска поддршка за 160 правни лица врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Во образложението за одлуката, ДКСК посочи дека од објаснувањето што навремено го добиле од Генералниот секретаријат на Владата се гледа дека не е извршена исплата, а во образложението од Секретаријатот за законодавство се вели дека не е надлежен да се произнесе за склучување договори и анекси на договори согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Согласно тоа, бидејќи нема исплата на средства и со тоа не се прекршува Законот, Комисијата ја отфрли претставката. сп/са/

Back to top button
Close
Close