На денешен ден

На денешен ден

1632.- Во Амстердам е роден Барух Спиноза, холандски филозоф, материјалист, од еврејско потекло. Во познатото дело „Етика“ строго рационалистички го изложува своето учење според кое Бог и природата се идентични, а светот бесконечен. Познати му се и делата „Теолошко-политички трактат“ и „Политички трактат“. Умрел во Хаг, на 21 февруари 1677 година.

24 ноември 2021 (МИА)

1632.- Во Амстердам е роден Барух Спиноза, холандски филозоф, материјалист, од еврејско потекло. Во познатото дело „Етика“ строго рационалистички го изложува своето учење според кое Бог и природата се идентични, а светот бесконечен. Познати му се и делата „Теолошко-политички трактат“ и „Политички трактат“. Умрел во Хаг, на 21 февруари 1677 година.

1642.- Холандскиот морепловец Абел Јансон Тасман го открил островот Ван Дименова Земја, кој се наоѓа јужно од Австралија. Островот подоцна во негова чест бил наречен Тасманија.

1729.- Роден е рускиот генералисимус Александар Васиљевич Суворов, еден од најголемите војсководци на 18. век, под чија команда руските трупи извојуваа 57 победи. Во Руско-турската војна од 1787 до 1791 година имал блескави победи над Турците, а потоа во борбите на Русија против Франција особено се прославил со освојувањето на северна Италија и преминот преку Алпите на враќање за Русија, со што ги вчудовидел воените кругови во Европа. Низ воената наука ги проучувал математиката, географијата и историјата. Многу придонесол во издигнувањето и воспитувањето на руските војници. Кон крајот на 1779 година бил наименуван за врховен царски заповедник. Во Советскиот Сојуз се доделувал орденот „Суваров“ за високи војнички заслуги.

1859.- Објавена е епохалната книга на англискиот природонаучник Чарлс Дарвин „Потеклото на видовите“ во која е изложена теоријата на еволуцијата.

1861.- Роден е германскиот лекар Аугуст Карл Густав Бир, пионер на модерната хирургија. Неговиот пронајдок „лумбална анестезија“ прво го испробал на себе.

1864.- Роден е Анри Тулуз-Лотрек, француски сликар и графичар, голем мајстор на литографијата. Се ограничил речиси исклучително на сцени од ноќниот живот на Монмартр во Париз. Ликовите се насликани без ни малку сентименталност, сугестивни, но без иронија и со остра карактеризација на ликовите. Неговите дела имаат висока уметничка вредност и претставуваат незаменлив општествен документ. Умрел на 9 септември 1901 година.

1929.- Умрел францускиот државник Жорж Бенжамен Клемансо, истакнат француски политичар, премиер од 1906 до 1909 и од 1917 до 1920 година. Бил министер за војни во критичните денови во Првата светска војна.

1944.- Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнале последните улични борби, основан бил првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои се уште биле во партизански униформи, го формирале симфонискиот оркестар. На таа средба присуствувале Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

1963.- Два дена по атентатот во Далас врз претседателот на САД Џон Кенеди, мафијашот Џек Руби го усмртил пред полициска станица осомничениот атентатор Лиј Харви Освалд. Атентатот во Далас останал мистериозен.

1974.- Претседателите на САД и на Советскиот Сојуз, Џералд Форд и  Леонид Брежњев, во Вашингтон постигнале привремен договор за ограничување на офанзивното стратешко нуклеарно оружје.

1976.- Во земјотресот кој го разрурнал градот Муради во источна Турција загинале околу 5.300 луѓе.

1986.- Завршил последниот дел на електрификацијата на пругата Скопје – Гевгелија со должина на електричната мрежа од 220 км. Електрификацијата почнала на 5 јануари 1981 година.

1989.- Во Скопје умрел Александар Думов, доајен на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Како актер и режисер работел и во театрите во Велес, Битола и во Штип. Роден бил во Струмица, на 25 февруари 1923 година.

1992.- Во Скопје, во издание на „Интернационал“, излегол првиот број на независниот економски неделен весник во Република Македонија „Бизнис“. Првиот (пилот) број излегол на 5 ноември 1992 година.

1994.- Во Скопје била отворена Амбасадата на Руската Федерација.

1995.- Во Ирска гласачите со тесно мнозинство и покрај жестоката пропаганда на римокатоличката црква, на референдум изгласале укинување на забраната за развод, која била на сила 70 години.

2000.- Во Загреб, Република Македонија ја парафирала Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија се земјите од Европската унија.

2000.- Во Скопје, на седницата на Извршната канцеларија на Демократска алтернатива, била донесена одлука оваа партија да ја напушти власта и „Коалицијата за промени“.

2001.- Градот Кундуз, последното талибанско упориште во северен Авганистан, по 12 дена опсада паднал во рацете на силите на Северната алијанса. Градот го бранеле околу 5.000 талибанци и околу илјада странски платеници.

2003.- Во пожар во студенски дом на Универзитетот „Патрис Ламумба“ во Москва, на кој студирале главно странци, загинале 42 лица, повеќето студенти од Кина, Бандгладеш, Виетнам и неколку африкански земји.

2004.- Умрел британскиот книжевник Артур Хејли чии романи се преведени на 38 јазици и објавени во 40 земји. Дела: „Аеродром“, „Преоптовареност“, „Детектив“.

2018.- Почина академик Боро Митриќески, еден од великаните  на македонското вајарство. Митриќески припаѓа на третата генерација на македонските ликовни уметници, што внесе радикални промени во македонското пластично творештво, доближувајќи го него до најзначајните актуелни токови на современото европско и американско скулпторство, при што неговата улога е апсолутно доминантна, во неговите остварени портрети, монументални скулптури и композиции што претставуваат трајна вредност во македонската скулптура во изминатите шест децении. Роден во Прилеп на 10 мај 1927 година. Во својата богата творечка кариера академик Боро Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и друго. Треба посебно да се нагласат изведените десет споменика и спомен обележја, меѓу кои и: ,,Железара’’, скулптура во метал, Скопје, Споменик „Кирил и Методиј“, бронза Скопје, споменик „Карпош’’, мермер Кратово, споменик НОБ Делчево, фонтана „Дојран’’, Дојран и други. Академик Митриќески е запаметен и по големото мајсторство во уметноста на портретите во скулптура. На еден посебен начин ги овековечува во своите портрети ликовите на Блаже Конески, Лазар Личеноски, Петар Мазев и други. Академикот Митриќески се инспирира и од поблиската и подалечна национална историја, и тоа скулптурите и релјефите портрети на преродбениците, особено  портретот и фигурата  на Марко Цепенков. Митриќески е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и државана награда ,,11 Октомври’’, наградата„ и „Нерешки мајстори“. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јули 1997 година.

2018.- На 65-годшна возраст почина градоначалникот на Дебар, Ружди Љата. Љата е роден 1953 годна во Дебар, средно образование завршил на медресето „Алаудин“ во Приштина, дипломрал на Филолошкиот факултет во Приштина на отсектот ориентални јазици каде стекнал и титула магистер. Од 1980 до 1991 година работел во Исламската верска заедница и бил професор на Унверзитетот во Приштина на Катедрата за ориентални јазици. Бил професор и на Исламскот факултет во Скопје и Тетово. Пред да биде избран за градоначалник на Дебар, во 2013 годна, Љата беше прв човек на дебарското муфтство кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше. Во 2017 година граѓаните му ја дадоа довербата втор пат.

###

Back to top button
Close
Close