0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталДописници МКДМакедонија.СлајдерОпштествоПолитика

НАТО-вежба „Северна Македонија 2021“ во Охридско-струшкиот регион

Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021“.

Охрид, 20 септември 2021 (МИА) – Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021“.

Како што беше најавено на прес-конференцијата за вежбата, станува збор за сценарио за справување со последиците од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.

Главни цели на вежбата ќе биде тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, потоа проверка на подготвеноста на т.н. (NICS) Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.

Првпат во Северна Македонија се одржува хибридна вежба, со теренски и командно-штабни активности, но и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка во кризни ситуации и улогата на армијата во случај на криза, имајќи предвид дека ангажманот на воените сили е последниот ресурс што треба да се ангажира во какви било околности.

Главниот координатор на вежбата од НАТО, Вим Ванхаме, појасни дека се работи за цивилна, а не воена вежба.

– Безбедноста не се остварува само преку воени средства. Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите-членки во воени, но и во услови на кризи и природни несреќи. Активностите и вежбите на НАТО како „Северна Македонија 2021“ ни даваат можност да ја провериме подготвеноста на нашите цивилни капацитети за соочување и справување со кризи, но уште повеќе да ја промовираме и продлабочуваме регионалната соработка и интероперабилност. За Северна Македонија како организатор оваа вежба претставува потврда на нејзиниот успешен пат од парнерство до членство во НАТО, рече Ванхаме.

На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации. Вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите да разработуваат и увежбуваат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации. аб/лв/

 

 

Back to top button
Close
Close