Дописници МКДКултураКултура.ПорталКултура.Слајдер

МНТ со „Народен непријател“ и „Музичкиот времеплов“ со српски уметници вечер на „Охридско лето“

Театарска претстава „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Македонски народен театар и концертот на српските уметници Андрија Минчиќ на кларинет, Тадија Минчиќ на фагот и Никола Цветковиќ на пијано, вечер се на програмата на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Охрид, 15 август 2022 (МИА) – Театарска претстава „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Македонски народен театар и концертот на српските уметници Андрија Минчиќ на кларинет, Тадија Минчиќ на фагот и Никола Цветковиќ на пијано, вечер се на програмата на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во претстава „Народен непријател“ играат: д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања – Никола Ристановски, Катарина, неговата сопруга – Звездана Ангеловска, Петра (нивната ќерка), наставничка – Дарја Ризова, Ејла, нивната средна ќерка – Јана Вељановска, Мортине, нивната најмала ќерка – Ана Арсовска, Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата – Благој Веселинов, Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар – Петре Арсовски, Ховстад, уредничка на „Народен гласник“ – Сашка Димитровска, Билинг, соработник на „Народен гласник“ – Александар Михајловски, Аслаксен, сопственик на печатница – Нино Леви и Капетан Хорстер – Мартин Ѓоргоски.

Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, а костимографијата на Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Драмата во пет чина „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, првпат е објавена на 28 ноември 1882 година со оригинален наслов „En folkefiende“. Напишана е како одговор по јавниот скандал за неговата претходна драма – „Духови“, која ја критикува хипокризијата и моралот во општеството. Имала над 1.880 премиери на различни сцени низ светот.

„Музичкиот времеплов“ на српските уметници Андрија Минчиќ, Тадија Минчиќ Никола Цветковиќ ќе се одржи во црквата „Света Софија“.

Андрија Минчиќ дипломирал во класата на професор Анте Гргин, а потоа специјализира камерна музика на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како солист настапува на преку 200 концерти во земјата и во странство. Во март 2013 година ја започнува педагошката кариера како доцент на одделот за дувачки инструменти на Факултетот за уметности во Ниш каде предава кларинет и други предмети. Како саксофонист свири: џез, фанк, поп, електронска музика, а член е на Нишкиот Биг Бенд оркестар и други ансамбли.

Тадија Минчиќ е роден во 1990 година во Ниш и започнува да учи фагот со професорот Мирко Исаески, а дипломира и магистрира во класата на професорот Еберхард Маршал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Минхен. За време на студиите добитник е на 12 први награди на различни национални и интернационални натпревари и остварува солистички настапи со Симфонискиот оркестар од Ниш и со Камерниот оркестар од Солун. Од 2021 година е ангажиран како прв соло – фаготист на Симфонискиот оркестар на РТС во Србија, како и во Филхармонијата во Дортмунд.

Пијанистот Никола Цветковиќ дипломира и магистрира на Факултетот за уметности во Ниш во 2013 година. Како соло уметник и камерен музичар настапувал во земјата и странство. Во 2017 година со дозвола на шведскиот бенд „Кататонија“, го издал албумот „Цветковиќ свири Кататонија- колекција на песни за соло пијано“ по што добива одличен одзив од почитувачите на нивната музика од целиот свет. сс/рп/

Таг
Back to top button
Close
Close