Дописници МКДОпштински вести

МНД-Битола домаќин на научно-стручен собир за влијанието на пандемијата врз науката

Македонско научно друштво-Битола ќе го одбележи меѓународниот ден на науката со научно-стручен собир на тема „Влијанието на пандемијата врз науката, искуства и примери на професионални предизвици во општеството“.

Битола, 9 ноември 2021 (МИА) – Македонско научно друштво-Битола ќе го одбележи меѓународниот ден на науката со научно-стручен собир на тема „Влијанието на пандемијата врз науката, искуства и примери на професионални предизвици во општеството“.

На прес-конференција во Битола, проф. д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола, посочи дека на научно-стручниот собир учествуваат 28 автори со 17 научни трудови кои ќе бидат објавени во списанието „Прилози“.

-Меѓународниот ден на науката годинава во светот се одбележува под мотото „Иднината на науката, технолoгиjата и иновациите: Влијание врз образованието, вештините и работата“ и затоа МНД-Битола одлучи да организира научно-стручен собир на тема „Влијанието на пандемијата врз науката – искуства и примери на професионални предизвици во општеството“. Трудовите се со широк опфат, а изборот на темата актуелен. Собирот содржи свечен, пленарен и работен дел. Во рамки на редовните активности, МНД-Битола викендов во Небрегово ќе одржи и академски час посветен на јубилејот – 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, истакна Груевска.

Според проф. д-р Лидија Стефановска, претседател на Организацискиот одбор, основната цел на научно-стручниот собир е да се согледа какво и колкаво е влијанието на пандемијата врз науката.

-Научните работници трагајќи по нови одговори на поставени прашања и дилеми, потребно е да се прилагодуваат кон диверзитетот во опкружувањето и неговите специфики, а таква различност донесе и пандемијата со Ковид-19. Токму тоа е и основната цел на овој научно-стручен собир, да се согледа какво и колкаво е влијанието на пандемијата врз науката.  Трудовите се рецензирани и ќе бидат публикувани, со што МНД-Битола го продолжува континуитетот на организација на научно-стручни собири посветени на актуелни случувања во науката и опкружувањето, нагласи Стефановска.

Светскиот ден на науката за мир и развој е прогласен од Организацијата за образование, наука и култура на ОН (УНЕСКО) во 2001 година.

-Меѓународниот ден на науката ја нагласува значајната улога на науката во општеството и потребата да се вклучи пошироката јавност во дебатите за новите научни прашања. Со поблиско поврзување на науката со општеството, Светскиот ден на науката за мир и развој има за цел да обезбеди граѓаните да бидат информирани за развојот на науката. Но, исто така ја нагласува улогата на научниците во проширувањето на нашето разбирање за извонредната, кревка планета што ја нарекуваме дом и во правењето на нашите општества поодржливи, посочи проф. д-р Сашо Кочанковски, потпретседател на МНД-Битола.

Македонско научно друштво-Битола секоја година 10 Ноември – Светскиот ден на науката го одбележува со своите членови и академски институции со кои соработува. мт/хс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close