0_Web_Насловна-слајдерЛокални избори 2021Политички партии

Мицкоски: Победата е на дофат, недостасува само уште еден голем исчекор на 31 октомври

Победата е на дофат, недостасува само уште еден голем исчекор на 31 октомври. Денот, кога гласот на народот е најсилен и луѓето со својата волја зад параванот имаат моќ да ги менуваат работите. Ништо не е невозможно, победата е на дофат, излезноста е клучот, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митинг во Лисиче.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Победата е на дофат, недостасува само уште еден голем исчекор на 31 октомври. Денот, кога гласот на народот е најсилен и луѓето со својата волја зад параванот имаат моќ да ги менуваат работите. Ништо не е невозможно, победата е на дофат, излезноста е клучот, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митинг во Лисиче.

Оваа власт, нагласи Мицкоски ја чека пораз и ги повика граѓаните да покажат дека промените се можни.

– Не заборавајте дека зад параванот сте сами, вие и вашето неприкосновено право на глас. Излезете и гласајте за новата иднина, која ќе донесе подобри времиња за сите нас заедно, изјави Мицкоски.

 

Во очите на народот, нагласи Мицкоски, гледа крик дека е доста од поделби, тешки времиња, криминали кои што не се казнуваат, од арогантни политичари и од тоа да не се вреднуваат желбите и потребите на луѓето.

– Тоа е гласот на тивкото мнозинство, кое има став за работите. Кое излегува да гласа за промени, на кое му е преку глава од она што денеска го имаме во реалноста, изјави Мицкоски.

Мицкоски, нагласи дека Зоран Заев загубил затоа што тој не го разбира народот, а не затоа што народот не ги разбрал бројките на гласачкото ливче.

– До вчера власта ни велеше дека ја разбрала пораката, а денес го слушам во едно интервју од Зоран Заев, каде ни вели дека практично изгубил затоа што граѓаните не разбрале за кого да гласаат, па ги помешале бројките на ливчињата. Не знам дали верува во тоа, или тие околу него така го учат, но тоа е брутално потценување на народот. Заев не загуби затоа што народот не ги разбрал бројките, туку затоа што Заев не го разбрал народот, рече Мицкоски.

Новоизбраниот градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцунски, изјави дека огромен дел од проектите, кои што се во интерес на граѓаните, може да бидат блокирани доколку Петре Шилегов остане градоначалник на Градот Скопје и ги повика, како што рече, во недела да изберат прогрес и Данела Арсовска.

– Изборот е квалитетен и докажан професионалец Данела Арсовска или политичар, кој што не може да се гордее со ниту еден капитален проект, изјави Муцунски.

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, пред граѓаните изрази доверба дека ќе знаат да проценат, што е тоа што голем број скопјани го видоа во неа како човек во првиот изборен круг и, како што нагласи, и донесоа победа од над 8 илјади гласови.

– Големата победа доаѓа, затоа што покрај тоа што во Аеродром во првиот круг одбравте млад, квалитетен и образован човек, знам дека, исто така, ќе знаете да одберете и човек кој ќе ве застапува сите вас за поубаво да живееме во следните четири години, во модерно и европско Скопје, изјави Арсовска. аа/нд/

Таг
Back to top button
Close
Close