МИА ФлешПакети

МИА Флеш

28 октомври 2021

28 октомври 2021

Тетово – Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат Теута Арифи информираше дека започна асфалтирање на продолжувањето на булеварот „Благоја Тоска“. Градежните работи започнаа во август, а градоначалничка вели дека ќе се реализира целата делница во првите месеци од наредниот мандат.

-Започна асфалтирањето на првиот сегмент за продолжението на булеварот Благоја Тоска. Во првите 100 дена од нашето раководење со општина Тетово ќе го завршиме овој проект, како капитално инфраструктурно решение за градот, потенцира Теута Арифи.

Кавадарци – Црвениот крст на Република Северна Македонија,  Општинска организација Кавадарци, месецов традиционално ја одбележаа Неделата на борба против дијабетесот, под мотото „Здрави животни навики и дијабетот”.

-Целта на оваа кампања е подигнување на свеста кај населението, за тоа што претставува шеќерната болест и нејзина превенција преку воспоставување на здрави животни навики. По тој повод, во просториите на Здружението на пензионери Кавадарци беше организирано бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвниот притисок на околу 40 лица. Притоа од страна на стручното лице доктор Тони Јованов, лицата беа информирани дека шеќерната болест е хронична, исцрпувачка и скапа болест и беа советувани дека потребна е зголемена физичка активност, правилна исхрана и квалитетен живот, рекоа денеска од кавадаречкиот Црвен крст.

Тетово –  Движењето Беса организираше марш низ Тетово кој го предводеше кандидатот за градоначалник Билал Касами заедно со претставници на Алијанса за Албанците. Маршот започна од седиштето на партијата Движење Беса, а заврши на градскиот плоштад.

– Ова е победничкиот марш кој не обединува сите без разлика на партиската, етничка, верска и друга различност. Со оваа активности ги заокружуваме двонеделните активности за вториот изборен круг кои покажаа дека имаме најсериозна понуда за разлика од актуелното промашено раководство на Општина Тетово предводено од Теута Арифи, истакна Касами.

Дебар – Државната изборна комисија ја разреши Општинската изборна комисија за Дебар, поточно нејзниот прв ешалон, додека остануваат и понатаму заменик-претседателот и замениците на членовите на комисијата.

На месото на Маџите Атипи, нов претседател на ОИК-Дебар е Рилинд Хаса, а потпретседател на комисијата и понатаму е Јованка Јосифовска.

Радовиш – Кандидатот за градоначалник на Радовиш од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата, Ацо Ристов денеска ги повика граѓаните масовно да излезат на вториот круг од гласањето на локалните избори и да го дадат гласот за него.

– Ве повикувам на 31 октомври да излезете масовно, бидејќи давајќи го вашиот глас вие ќе помогнете во процесот што веќе е почнат. Процесот е почнат затоа што ние веќе имаме мнозинство во Советот, советничката група гарантира дека сите проекти кои што сме ги понудиле, кои што јас лично ќе ги реализирам, Советот на Општината и градот имаат отворен пат за реализација. Се надевам и дека тоа ќе биде дополнителен поттик кој што граѓаните ќе ги мотивира да излезат и да си го дадат својот глас за својот град. Радовиш да остане на радовишани, да си го вратиме достоинството, рече денеска Ристов.

Битола – Најавувам општински студентски стипанедии за запишување на студенти од Битола кои ќе одлучат своето студирање да го продолжат тука, во Битола, на битолскиот универзитет, изјави кандидатот за градоначалник од СДСМ, Христо Кондовски.

Во изјава за медиумите Кондовски посочи дека е време да се создадат услови студирањето во Битола повторно да биде атрактивно.

Скопје – Заинтересирани граѓани и дел од општинската администрација на Карпош денеска даруваа крв во пресрет на 3 Ноември, Денот на таа општина.

Од општината соопштија дека станува збор за традиционална крводарителска акција која локалната самоуправа ја организира во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина.

Македонска Каменица – Грижата за работниците и нивните права се приоритет на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за нашата општина“.  За разлика од порано во изминатите четири години природно и постојано се покачија платите на рударите во Македонска Каменица и денеска рударите имаат достоинствени услови за работа, истакна Соња Стаменкова, актуелната градоначалничка и кандидат за втор мандат од СДСМ на денешната прес-конференција во Македонска Каменица.

-За рударите ги олеснивме условите за пензионирање, со навршени 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени, тоа градителите на нашата заедница го заслужуваат, рече Стаменкова.

Белград – Во односите меѓу Србија и Северна Македонија нема посебни проблеми, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за белградска ТВ Н1. Тој воедно наведе дека иако земјите од регионот зборуваат за потребата од соработка, меѓусебните конфликти повремено излегуваат на површина, јави дописникот на МИА од Белград.

– Не би рекол дека има некои посебни проблеми. Има разбирање, мислам дека имаме повеќе или помалку заеднички цели. Имаме заедничка историја, минато, сакаме да имаме заедничка европска иднина. Србија тргна по тој пат, ги започна пристапните преговори, за жал ние се уште чекаме и тропаме на таа врата, иако бевме меѓу првите во регионот што го започнавме тој процес, изјави Димитров.

Скопје – Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби изутрината почина 17 – годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар.

Младата пациентка имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1 и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката биле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. Според лекарските извештаи, на 18 октомври младата пацинетка за првпат побарала лекарски преглед во Клиничката болница во Битола. Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, телесна температура 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола. Лекар ја прегледал во пнеумофизиологија – амбуланта за суспектни пациенти со Ковид, тестирана е за Ковид-19 и истот ден е добиен резултат – Ковид позитивна. Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка.

Скопје – Вкупно 48 домашни компании, мали, средни и големи, најмногу од трговската и производствената дејност во секторите прехрана, угостителство и хотелиерство, имаат сертификат „Фер со потрошувачот“. Сертифицирани, иако понезначително, се и фирми од секторите домување, услуги за испорака на едукација и козметика.

Сертификатот „Фер со потрошувачот“, воведен во 2018 година, е вид гаранција дека компанијата што го поседува се грижи за купувачите и сите евентуални недоразбирања или проблеми ги решава директно со нив, по мирен пат, без вклучување инспекторати или судови.

Анкара – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, порача дека Соединетите Американски Држави (САД) треба или да ги испорачаат борбените авиони Ф-35 кои Турција ги има платено или да ги вратат парите, или наместо тоа да дадат друг производ, јави агенцијата Анадолија.

– Доколку САД не сакаат да го решат проблемот со Ф-35 или ако Конгресот на САД го блокира тоа, Турција ќе разгледа други опции, вклучително и купување СУ-35 или СУ-57 од руско производство, изјави Мевлут Чавушоглу во телевизиско интервју за „Си-Ен-Ен Турк“.

Софија – Поранешниот министер за финансии на Бугарија Асен Василев и лидер на новоформираната коалиција „Продолжуваме со промените“ испратија официјална покана до лидерот на ГЕРБ за јавна дебата. Информацијата е објавена на профилот „Продолжуваме со промената“ на Фејсбук. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Асен Василев испратил покана до Борисов по повод неговиот неодамнешен говор за медиумите во кој лидерот на ГЕРБ рекол „Да се ​​каже дека се украдени 8 милијарди од Бугарија, значи дека ретко сте неписмени“.

Мадрид – Шпанската Влада има намера да забрани рекламирање на штетни прехранбени производи наменети за деца, соопшти денеска Министерството за потрошувачка.

Владата ќе го регулира рекламирањето на прехранбени производи кои се штетни за здравјето на малолетниците за да ги заштити нивните интереси од оние на прехранбените компании, соопшти Министерството преку својот Твитер налог. Во Шпанија секое трето дете страда од прекумерна тежина или дебелина, а рекламирањето на штетна храна е една од причините за овој тренд.

Брисел – Од почетокот на годината, Европската унија извезла 1,2 милијарди дози вакцина против Ковид-19 во 150 земји, соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

– Во првите 10 месеци од 2021 година, Европската унија извезе 1,2 милијарди дози вакцина во 150 земји, рече Фон дер Лајен.

Њу Делхи – Индија не се согласува со целта за намалување до нула на штетните гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина до 2050 година и побара повеќе „јаглероден простор“.

Според индиските власти Индија е „земјата со најдобри перформанси“ во областа на климатските активности во Г-20 и оти е на пат да ја исполни својата цел за намалување на емисиите за 33 до 35 проценти до 2030 година, како што беше договорено на 2 октомври 2015 година на Конференцијата за климата во Париз.

Сеул – Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја верува дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нема здравствени проблеми, објави Јонхап. Разузнавачката служба дошла до овие заклучоци користејќи технологии за вештачка интелигенција.

Службата ги негира наводите дека Ким Џонг-ун користел двојници за време на неговите неодамнешни јавни настапи. Годинава во јавноста се појави 70 пати, што е за 45 проценти повеќе од лани.

 

Back to top button
Close
Close