МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 октомври 2021

27 октомври 2021 

Скопје – Градоначалникот на Општина Чаир и кандидат на ДУИ за нов мандат, Висар Ганиу при денешната посета на Здружението за заштита на животни „Хепи Шелтер“ – Скопје најави дека до крајот на оваа година во општината нема да има кучиња бездомници.

Ганиу од претседателот на Здружението Кемал Незири бил информиран за бројните акции кои здружението ги презема низ територијата на Чаир. Во оваа прилика беше информиран дека досега од повеќе локации во Општина Чаир се собрани близу 23 проценти од кучињата бездомници, односно од секаде каде што доаѓаат известувања на граѓаните за присуство на кучиња бездомници.

Скопје – Шеснаесет лица со Ковид-19 и во изолација се пријавиле да гласаат во домашни услови во вториот круг на локалните избори во Кичево. Во ОИК Кичево се прифатени и барања на 464 лица болни и изнемоштени, кои како и лицата со Ковид-19 ќе гласаат во сабота.

-За вториот изборен круг од локалните избори што ќе се спроведе овој викенд, во Општина Кичево се пријавени и 16 лица болни од Ковид 19 и во изолација, кои побараа да гласаат во домашни услови. Гласањето ќе се спроведе на 30 октомври, кога екипа од Општата болница Кичево составена од еден лекар и две медицински сестри, ќе ги посетат нивните домови а во нивна придружба можат да бидат и претставници на политички партии кои имаат свои кандидати во вториот изборен круг, истакна Анета Трпески од ОИК за Општина Кичево.

Куманово – Шефовите на изборните штабови на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ и коалицијата на „Алијанса за Албанците“ и „Алтернатива“ потпишаа меморандум за соработка. Тие ги повикаа кумановци на 31-ви октомври, во недела, да му дадат поддршка на независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој се заблагодари на поддршката на коалицијата.

-Ова е почеток на една плодна политичка соработка меѓу граѓанското движење „За наше Куманово“ и Алијансата на Албанците и Алтернатива. Ние ја бараме поддршката од сите граѓани на Куманово без разлика на нивниот политички предзнак. Веруваме и убедени сме дека во вториот круг ќе извојуваме уште поголема победа. Се работи за еден политички концепт и субјект кој сака во иднина да делува исклучиво од и за граѓаните. Ние нема да се водиме исклучиво по процент, туку по принцип на унапредување на можностите и правата на сите граѓани. Куманово има простор за работа на сите полиња. Повеќе од јасно е дека на градот му недостасуваат многу проекти, истакна Димитриевски.

Тетово – Димитар Костадиноски oд денескa почна да ја извршува функцијата градоначалник на Општина Јегуновце. Откако вчера го добиле уверението од Општинската изборна комисија Јегуновце дека е избран за градоначалник, денеска беше извршено и симболично примопредавање на функцијата со средба на двајцата противкандидати.

По преземањето на функцијата од страна на досегашниот градоначалник Дарко Блажески, новоизбраниот Димитар Костадиноски  се заблагодари на укажаната доверба и изрази уверување дека ќе биде градоначалник на сите жители на Општина Јегуновце, како и тоа дека ќе работи одговорно,чесно и транспарентно.

Прилеп – Со врачување на уверенијата за новоизбраниот градоначалник и на новите советници, а потоа и со чинот на примопредавањето на функцијата, Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја презеде функцијата нов градоначалник на Прилеп од претходниот градоначалник, Илија Јованоски.

Општинската изборна комисија во големата сала на прилепската локална самоуправа им ги врачи уверенијата на Јовчески, како нов градоначалник која ја освои мнозинската доверба на гласачите во првиот круг на локалните избори на 17 октомври, како и на 27-те новоизбрани членови на општинскиот совет.

Скопје – Формално ја преземав градоначалничката функција од Коста Јаневски кому искрено му благодарам за поддршката и соработката. Свесен сум дека од мене како градоначалник на Струмица се очекува градот и општината да одат напред. Тоа што е создадено да се одржи и развие, но и да се проектира и создаде многу ново. Јас сум подготвен, истакна денеска на неговиот фејсбук-профил новиот градоначалник на Општина Струмица Костадин Костадинов.

Скопје –  Новиот градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска ја презеде градоначалничката функција од досегашниот градоначалник Филип Темелковски, кој воедно беше негов противкандидат на овие локални избори. При примопредавањето, Темелковски му честиташе и му посака среќа и успех со раководењето на општината во наредниот четиригодишен период.
Од прес-службата на Општина Кисела Вода информираат дела Орце Ѓорѓиевски најави дека веднаш отпочнува со реализирање на зацртаното, односно дадените ветувања пред граѓаните, кои се дел од изборната програма.

Охрид – Ефективните политики за враќање, реадмисија и реинтеграција на мигрантите, со целосно почитување на меѓународното право и стандарди, се централни аспекти на доброто управување со миграциите и главна тема за дискусија на Регионалната конференција за реадмисија и борбата против нерегуларната миграција во Западен Балкан што од денеска се одржува во Охрид.

Целта на собирот во Охрид е собирање на релевантните чинители за реадмисија и подигнување на свеста за прашањата, предизвиците и новите начини на работа што се присутни во регионот, разменување искуства и добри практики, особено во обезбедувањето правна основа (договори или аранжмани за реадмисија) и нејзина практична имплементација, како и зајакнување на соработката со релевантните органи од земјите на потекло на мигрантите, особено од земјите од Блискиот Исток, Централна Азија и од Северна Африка.

Скопје – Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а подгревање на инфлациските движења не е потребно, порача денеска вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска.

– Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8 отсто, во однос на очекувањата за раст од 2,2 отсто за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред се, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци, посочи вицегувернерката Нацевска во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.

Скопје – Државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска денеска учествуваше и имаше воведно обраќање на Регионалната конференција за реадмисија, организирана од Регионалниот центар на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ), како дел од проектот „Намалување на илегалната миграција кон Европската унија преку зајакнување на капацитетите на структурите поврзани со миграцијата во Западен Балкан“.

Конференцијата, информираат од МВР, на која присуствувале  претставници на државите од регионот, била одлична можност на едно место да се соберат сите релевантни чинители, експерти за реадмисија, регионални и меѓународните партнери, претставници на земјите на потекло на илегалните мигранти и баратели на азил.

Скопје – Можностите за унапредување на соработката во сите области, а особено во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал беа во фокусот на денешната средба на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески со Иван Гешев, Главен јавен обвинител на Република Бугарија.

Работната посета на бугарскиот главен обвинител во Скопје се остварува на покана на Јовески. Во делегацијата која ја предводи Гешев е и Сијка Милева, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Бугарија.

Атина – Со цвеќе в рака, стотици граѓани, но и политичкиот свет во Грција, денеска се простија со претседателката на централно левичарската партија Движење на промена Фофи Генимата, која во понеделникот на 57-годишна возраст почина, јави дописничката на МИА од Атина.

Телото на Генимата, речиси четири часа беше изложено во Соборниот храм во Атина, а од рано утрово имаше редици граѓани, на сите возрасти, кои трпеливо чекаа за да ѝ оддадат почит на починатата.

Тирана – Двајца авганистански државјани, сместени во хотел во албанскиот пристанишен град Шнѓин, се притворени, по информациите дека поседуваат фалсификувани документи.

Полицијата информираше дека во текот на верификацијата на документите за идентификација, за патување и личната изјава, било потврдено дека се фалсификат.

Љубљана – Словенечкиот министер за економија Здравко Почивалшек денеска најави остри мерки против оние кои не ги почитуваат антиепидемиските правила, откако во последните 24 часа беа потврдени 3.166 новозаразени лица со Ковид-19, што е втора по големина бројка годинава.

– Доколку е потребно, ќе ги затвориме во согласност со законот оние локали што не ги контролираат посетителите, рече Почивалшек.

Вашингтон – Американксиот државен секретар Ентони Блинкен од 28 октомври до 2 ноември е во посета на Ватикан, Италија и Обединетото Кралство, јавија од Стејт департментот. 

Блинкен во Италија патува од утре до недела, каде ќе им се придружи на претседателот и првата дама во нивната посета на Ватикан и ќе присуствува на приемот со неговата светост Папата Франсис, се вели во соопштението. 

Женева – Губењето на работните часови оваа година поради пандемијата на Ковид 19 ќе биде еквивалентно на 125 милиони работни места со полно работно време, со голем јаз меѓу богатите и сиромашните, објави денеска Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Пандемијата ќе укине 25 милиони повеќе работни места оваа година отколку што МОТ процени во извештајот од јуни, првенствено поради нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните земји во дистрибуцијата на вакцини.

Вашингтон – Богатството на сопственикот на Тесла, Илон Маск за еден ден се зголеми за 36 милијарди долари, што е најголема заработка за еден ден забележана на индексот на милијардери на Блумберг.

Зголемувањето на богатството на Маск се должи на вчерашниот раст на акиите на Тесла на Њујоршката берза за речиси 13 отсто, со што производителот на електрични автомобили ја надмина пазарната капитализација од милијарда долари, која уследи по најавата на компанијата за изнајмување возила Херц дека нарачала 100.000 возила Тесла.

Вашингтон – Повеќе од 600.000 домаќинства во североисточниот дел на САД денеска останаа без електрична енергија поради невреме, соопшти американската метеоролошка служба.

Брзината на ветрот достигнува 140 km/h. Најпогодена е сојузната држава Масачусетс, каде 466.000 домаќинства останаа без струја.

Женева – Американската лабораторија „Мерк“ денеска објави дека е постигнат договор што ќе овозможи дистрибуција на големо на генеричка верзија на нивниот антиковид лек за лица заразени со вирусот.

Компанијата „Медисин патент пул“ (Medicine Patent Pool) објави дека потпишале договор за дозволи со „Мерк“ за да го олесни светскиот пристап до лекот мoнулпиравир.

Лондон – Велика Британија соработува со агенциите на ОН и други со цел да направи се што е во нивна моќ за да им помогне на народот во Авганистан, но не може да им се напише „бланко чек“ на талибанците, изјави денеска премиерот Борис Џонсон.

– Мораме да направиме се што е во наша моќ за да ги ублажиме последиците од преземањето на Авганистан од страна на талибанците, рече премиерот Џонсон во Парламентот на прашањето за хуманитарната криза во Авганистан. Џонсон рече дека „оваа година ја удвоиле обврската да помогнат“, а она што во моментов не можат да го направат е да напишат „бланко чек“ на талибанските власти.

Скопје – На Твитер се појави фотографија со резултатите од гласањето за победникот на Златната топка 2021 година. Победник според овие информации е напаѓачот на Баерн Роберт Левандовски.

Полскиот фудбалер има 627 гласа. Следува играчот на ПСЖ, Лионел Меси, а по него е Карим Бензема од Реал Мадрид (526).

Back to top button
Close
Close