МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 октомври 2021

Градско, 26 октомври 2021(МИА) – Киро Нацков од Коалицијата предводена од  ВМРО-ДПМНЕ денеска ја презеде од Роберт Бешовски од СДСМ функцијата градоначалник на општина Градско по освоениот мандат во првиот круг од Локалните избори 2021.

Примопредавањето беше откако претседателката на Општинската изборна комисија на Градско Мери Седмакова-Димовска на Нацков  му го врачи уверението за градоначалник, како и на деветемина членови на новиот Совет на Општина Градско.

Новаци, 26 октомври 2021 (МИА) – Новоизбраниот градоначалник на Општина Новаци Стевче Стевановски од ВМРО-ДПМНЕ ја презеде функцијата прв човек на тамошната локална самоуправа од досегашниот градоначалник Љубе Кузманоски од СДСМ.

На примопредавањето на должноста, Стевановски изјави дпека општината ќе биде отворена за сите жители на Новаци и дека во првите сто дена ќе ги реализира трите проекти што ги ветил во предизборната кампања.

Крива Паланка, 26 октомври 2021 (МИА) – Во Општина Крива Паланка ќе отпочне изградбата на локалниот патен правец село Варовиште-село Кошари-село Б’с, со кој ќе се реши проблемот со пристап кон домовите и имотите на граѓаните од овој реон.

-Локалната самоуправа на Општина Крива Паланка продолжува со реализација на инфраструктурни проекти за подобрување на патната инфраструктура. Подготвителните активности за изградба на локалниот пат се отпочнати. Проектот ќе се рализира со средства обезбедени од Бирото за регионален развој, преку програмата за намалување на диспаритетите меѓу планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2021 година, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Струмица, 26 октомври 2021 (МИА) – Претседателката на ОИК Струмица, Снежана Паљошкова денеска им ги врачи уверенијата на новиот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов и на членовите на Советот на општината.

Костадинов од СДСМ победи во првиот круг на локалните избори во Струмица пред Жан Дрвошанов од ВМРО-ДПМНЕ и Васе Витанов од Интегра.

Кочани, 26 октомври 2021 (МИА) – Во наредниот период грижата за младите ќе биде еден од приоритетите на новата локална власт со обезбедување поддршка на нивните бизинис идеи и можности за вработувања, истакна на денешната прес-конференција кандидадот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кочани Љупчо Папазов.

-Како градоначалник на Општина Кочани и оваа локална самоуправа ќе го завршиме формирањето на општинскиот Младински совет и ќе ја унапредиме неговата работа. Во соработка со средношколските училишни центри во градот и регионалните високообразовни институции ќе формираме бизнис инкубатор за развој на старт ап компании и донесување на нови вработувања. Просториите на спомен домот АСНОМ ќе ги ставиме во функција на младите креативни работници од областа на културата. Спортските терени и спортските сали ќе ги ставиме во функција на развој на младинскиот масовен спорт, а ќе формираме и нови велосипедски патеки, истакна Папазов.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Посетителите на Саемот за безбедност и здравје при работа A+A Безбедност и здравје Експо што од денеска до 29 октомври се одржува во Дизелдорф, Германија, ќе имаат можност да го посетат и националниот штанд на Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот под брендот Invest North Macedonia.

На изложбениот простор од 54 метри квадратни, што го обезбеди Агенцијата, се претставени домашни производи на шест македонски текстилни компании. Компаниите Златекс, Еуросолид и Textile Solution од Скопје, Албатрос и Ларс од Штип и охридската компанија Евро Џинс се избрани на јавен повик, со однапред утврдени критериуми за учество и селекција.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра во следните пет години кои ќе мобилизираат дополнителни осум милијарди евра инвестирани од приватниот сектор, зголемување на стапката на економски раст, намалување на стапката на невработеност на едноцифрено ниво и намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП, се главниот таргет што треба да се постигне со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 што денеска Владата го усвои на својата седница.

Со Планот е предвидено зголемување на просечната стапка на економски раст од 2,5 на 5 проценти просечно на годишно ниво во следните пет години, стапката на вработување да се зголеми на 54,3 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 проценти до 2026 година. Во 2026 година, јавниот долг се очекува да биде под 60 проценти од БДП, а буџетскиот дефицит да биде на ниво од 2,2 проценти од БДП.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими членовите на заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања со Република Грција.

На средбата членовите на комисијата го информираа претседателот Пендаровски за досегашната работа како и за наредната средба на двете комисии, која е закажана за следниот месец.

Битола, 26 октомври 2021 (МИА) – Македонија е пред енергетски колапс и ни се заканува тешка зима со рестрикции на струја во 21 век, изјави денеска потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски.

На прес-конференција во Битола, Николовски изнесе тврдење дека кога РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“ и хидроелектраните „би работеле така како што треба“, земјава целокупната потрошувачка на енергија за домаќинствата и стопанството може да ја произведе дома по исклучително ниска цена.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Образованието е клучно за постигнување целосно вработување и искоренување на сиромаштијата и државите со различни конвенции и декларации се обврзаа да се фокусираат на пристапот, еднаквоста и вклученоста, квалитетот и резултатите од учењето во рамките на концептот за доживотно учење.

Тоа ги опфаќа сите возрасни категории, иако често се смета дека се само возрасните лица, и значи и неформално, покрај формалното образование, задоволувајќи широк опсег на потреби и барања за учење.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 7.739 дози вакцини. Согласно податоците од Министерството за здравство, од вкупниот број аплицирани вакцини вчера, 748 се вакцинирани со прва доза, ревакцинирани се 1 629, а трета доза примиле 5 362 граѓани.

-Заклучно со 25 октомври вкупно се вакцинирани 801 988 граѓани, ревакцинирани се 771 165, а трета доза примиле 15 851 граѓани. Педесет и четири проценти од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина, информира Министерството за здравство.

Атина, 26 октомври 2021 (МИА) – Зголемувањето на бројот на новозаразени, особено во северниот дел на Грција, што е веќе во црвената зона на епидемиолошката мапа, во комбинација со ниската стапка на вакцинирани и во пресрет на парадите за националниот празник в четврток, предизвикуваат загриженост во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Вчера беа регистрирани речиси 4.000 нови случаи на Ковид-19, односно 3.937 новозаразени, највисока бројка во изминатите два месеци, а за 24 часа починаа 54 лица, што исто така е зголемување на бројот на смртни случаи.

Белград, 26 октомври 2021 (МИА) – Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, по повод синоќешните протести на противниците на мерките за заштита од коронавирус пред зградите во кои живеат лекари во Белград и Ниш изјави дека станува збор за „невидена дрскост“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сакам да им порачам на сите тие луѓе кои отидоа на приватните адреси на доктор (Предраг) Кон и доктор (Бранислав) Тиодоровиќ повеќе да не го прават тоа. Бидејќи ниту еден од нив не е виновен за ништо, тие се мој избор за членови на Кризниот штаб. Стојам зад секоја нивна одлука или предлог. Јас сум единствениот кој може да биде виновен. Затоа, не одете пред нивните станови, дојдете пред моjот, кажа Лончар.

Брисел, 26 октомври 2021 (МИА) – Постарите луѓе во Европа би можеле да се соочат со тешка сезона на грип, која, кога ќе се додаде на тековната пандемија на коронавирусот, има потенцијал да ги оптовари здравствените системи на ЕУ, предупредува Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Европската агенција соопшти дека циркулацијата на грипот во Хрватска веќе го надминала сезонскиот праг, што е „невообичаено рано“, пренесува „Политико“.

Брисел, 26 октомври 2021 (МИА) – Министрите за енергетика на ЕУ не донесоа никакви конкретни одлуки како одговор на енергетската криза, соопшти на прес-конференција еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон по завршувањето на вонредниот состанок на министрите за енергетика.

– Имаме јасен мандат од лидерите на ЕУ да ги искористиме сите наши алатки за да се справиме со кризата. Европската комисија претстави пакет мерки, сега мора да ја продолжиме оваа работа. Треба да ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси, рече таа, без да презентира конкретни мерки против кризата.

Техеран, 26 октомври 2021 (МИА) – Иранските бензински пумпи биле цел на кибернапад, јави денеска државната телевизија ИРИБ.

Претходно во текот на денот имаше информации дека бензинските пумпи низ целата исламска Република биле нападнати од хакери, а хакираните компјутерски системи го покажувале само прашањето „Каде е гасот?“ упатено до иранскиот врховен лидер.

Back to top button
Close
Close