МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 октомври 2021

26 октомври 2021

Скопје – Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска престојува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Павилјонот за жени ЕКСПО 2020 Дубаи во чии рамки денеска ќе се обрати на панел дискусијата „Визии и патувања“.

Ѓоргиевска, како што соопшти Кабинетот на претседателот, денеска ќе учествува на панел дискусијата „Визии и патувања“ во рамки на Павилјонот за жени ЕКСПО 2020.

Скопје – Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими  ќе претстават новини од Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година на прес-конференција во Владата закажана за денеска во 14 часот.

Согласно Планот, предвидени се нови начини за пристап до капитал за финансирање на забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Целта е да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, стапките на економски раст, како и постепено намалување на фискалниот дефицит, информира владината прес-служба.

Скопје – Загадувањето веќе не е топ-тема во Скопје како што беше во изминатите неколку години. Тоа е факт и тоа е добро затоа што бројките покажуваат нешто многу поразлично од тоа што го покажувале пред четири години. Сепак, мора да бидеме свесни дека проблемот за загадувањето во Скопје не може целосно да се реши со краткорочни, ниту среднорочни активности. Но, преземањето на комплементарни мерки кои ќе ги третираат најголемите загадувачи е пристапот за кои сме сведоци дека доведува до позитивни резултати и пад на загадувањето, истакна кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов.

– Бројките покажуваат дека последните четири години, нивото на ПМ10 честички е во постојан пад, а на годишно ниво количеството на овие честички дојдоа речиси до граничната вредност од 40 μg/m3. Ако во 2016 имало 71,91 ПМ10 μg/m3, во 2020 беа 47,70 ПМ10 μg/m3. Иако се верува дека метеоролошките прилики се тие кои значително влијаат на квалитетот на воздухот, на годишно ниво, брзината на ветерот и температурата биле со речи си константни вредности, а количеството на врнежи не е пропорционално со падот на загадувањето, рече тој.

Скопје – Здружението LEAD објави прв прирачник за предавање контроверзни теми во училница, наменет за наставници. Според LEAD, предавањето и дискусијата на контроверзните теми се уште е предизвик за наставниците од училиштата во нашата земја и  наведува дека 86 отсто од учениците никогаш немале можност да разговараат за тековни општествени прашања во рамки на образованието.

Прирачникот „Предавање на контроверзни прашања преку едукација за демократско граѓанско и човекови права“ е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на повеќе од 15 јазици во Европа. Прирачникот е преведен и бесплатно достапен онлајн на македонски јазик и на албански јазик на веб-страницата на LEAD.

Скопје – Шефот на Изборниот штаб и генерален секретар на движењето БЕСА, Аријанит Хоџа вели дека партијата останува на ставот дека е потребна соработка со Алијанса за Албанците за да може на овие локални избори да се победат кандидатите од ДУИ. Според него, легитимитетот за нова власт доаѓа од парламентарни избори, но дали како партија би поддржале ново парламентарно мнозинство, како што рече, ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните на политичката сцена по локалните избори.

– Ние остануваме цврсто на нашата определба за заедно со Алијанса за Албанците да ги победиме ДУИ во општините каде учествуваме во втор круг. Ова се локални избори, легитимитетот за парламентарни избори односно за нова влада доаѓа од парламентарни избори. Тоа останува на времето да видиме по изборите како ќе се одвиваат настаните и како ќе се движи политичката сцена потоа, рече Хоџа во одговор на новинарско прашање дали иако се дел од сегашната власт би поддржале ново парламентарно мнозинство со оглед на соработката со опозицијата на овие локални избори.

Скопје – Асоцијацијата на Aрхитекти на Македонија (ААМ)  го објави конкурсот и за доделување на Голема годишна награда за 2021 година и за предлагање можни добитници на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2021 година.

-Двете архитектонски награди претставуваат афирмација на залагањето кон архитектурата во нашата земја, посочува во пишана изјава претседателот на ААМ, проф.д-р Мишко Ралев.

Атина – Сакаме европска перспектива за Западен Балкан и на сите актери јасно им кажуваме дека треба да ги зголемат нивните напори. Европејците треба да им понудат јасна пристапна перспектива на земјите од Западен Балкан, порача министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас од Лондон, во обраќањето на настанот „Зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа и Медитеранот“ организиран од Кралскиот институтот за одбрана и безбедност, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, објаснувајќи го овој негов став посочи дека не говори дека земјите од регионот утре ќе влезат во Европската унија, туку зборува за „многу јасна перспектива која би делувала како поттик за тие земји“.

Атина –  Четири деца на возраст од три до 14 години загинаа откако потона чамец со бегалци и мигранти, во морскиот дел, југоисточно од островот Хиос, едно лице се води за исчезнато, а 22 се спасени, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, преку „Твитер“ информираше за билансот од несреќата, објави фотографии и истакна дека Турција мора да ги спречи криумчарите.

Берлин – Во Германија денеска ќе се одржи конститутивната седница на новиот Бундестаг, јавија германските медиуми. Ова е последниот рок за негово одржување, бидејќи според германскиот Устав, првата седница на парламентот мора да се одржи најдоцна 30 дена по изборите.

Се очекува на денешната седница да се избере новото раководство на законодавното тело и да се договори деловникот. Социјалдемократската партија (СПД) го номинираше Бербел Бас за претседател на Бундестагот како победник на изборите.

Хаг– Во меѓународна полициска операција во повеќе земји од светот уапсени се 150 осомничени лица за купување или продажба на нелегална стока преку Интернет, како дел од една од најголемите операции насочени кон темната мрежа, соопшти Европол, цитиран од француските медиуми.

„Оваа операција, позната како Dark HunTOR, се состои од низа одвоени, но меѓусебно поврзани акции во Австралија, Бугарија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД“, соопшти агенцијата Европол, со седиште во Хаг.

Токио – Група од 10 воени бродови од Кина и Русија помина низ тесен премин што ги дели двата најголеми јапонски острови Хоншу и Хокаидо. Токио изрази загриженост до Москва и Пекинг преку дипломатски канали поради неодамнешното заедничко минување на руската и кинеската морнарица низ теснеците Цугару и Осуми.

Министерот за надворешни работи Тошимицу Мотеги на прес-конференција рече дека минувањето на руски и кинески бродови низ Цугару и Осуми е прв таков случај и дека акциите на Москва и Пекинг во близина на Јапонија се внимателно следени, како и дека е изразена загриженост преку дипломатски канали. Висок јапонски дипломат посочи дека Токио ќе продолжи со активните разговори со Москва на различни теми, вклучително и територијалното прашање.

Канбера – Целта на Австралија е да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година, изјави денеска премиерот Скот Морисон, но, според него, целта нема да биде пренесен во закон, туку ќе се потпира на потрошувачите и компаниите кои поттикнуваат намалување на емисиите.

Усвојувањето на оваа цел ќе ги ублажи меѓународните критики кон Австралија за одбивањето да им се придружи на земјите, како Велика Британија и САД, во ветувањето нула емисии на јаглерод до 2050 година пред климатскиот самит COP26 во Глазгов од 31 октомври до 12 ноември.

Торино – Седмиот светски рекет Матео Беретини се пласираше на завршниот АТП турнир кој ќе се одржи во Торино.

За Италијанецот ова ќе биде второ учество на турнирот со кој се затвора сезоната. Финалистот од Вимблдон е шестиот учесник за завршниот АТП турнир.

Варшава – Претседателот на Полската фудбалска федерација Збигњев Боњек зборуваше за тоа кој треба да ја добие Златната топка во 2021 година.

– Не знам кој ќе ја добие Златната топка. Рокот за гласање истече вчера на полноќ. Ми се чини дека Жоргињо да го реализираше последниот пенал во финалето на ЕП, ќе победеше безусловно. Наместо тоа, Донарума излезе на сцената. Се плашам дека Меси, кој го освои Купот на Америка, ќе ја освои Златната топка. Но, за мене најдобар е Левандовски“, изјави Боњек за „Tuttomercatoweb“.

Скопје – Следува период на стабилно време, со појава на умерена облачност. Утре минималните температури на повеќе места ќе бидат негативни, а од петок ќе има пораст на температурите, особено на утринските. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и утре ќе се задржи претежно ведро време со ниски утрински температури, кои на повеќе места ќе бидат под нулата. В четврток утринската температура ќе биде од минус три до пет степени, по што постепено ќе се зголемува и ќе се движи од два до 10 степени. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21 степен.

Back to top button
Close
Close