МИА ФлешПакети

МИА Флеш

25 октомври 2021

25 октомври 2021

Кавадарци – Основниот суд во Кавадарци денеска ги отвори вратите за средношколците од кавадаречката гимназија.

– Со заедничка одлука од 5 јуни 2003 година на Совет на Европа и Европската Комисија, денешниот ден е прогласен за европски Ден на правдата. Во чест на овој ден, Основниот суд Кавадарци ги отвори своите врати за учениците од средното општинско училиште „Добри Даскалов“. Имавме заедничка комуникација. Учениците ги презентираа своите познавања во врска со поимот правда и правичност, информираа од Судот.

Струга – Уметникот Горан Ристовски наслика мурал со мотиви од творештвото на истакнатиот писател и општествено – политички работник, Владо Малески на фасадата од јужната страна на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

На површина од 13 метри должина и седум метри висина, композицијата, како што појасни авторот, е составена од познатиот „струшки вез“ симболизирајќи на најпознатиот роман на Малески, „Разбој“, неговиот потрет и дел од текстот од химната „Денес над Македонија“.

Скопје – Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави, како и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите, велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Во однос на информациите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ дека полицајци, началници и функционери во Прилеп се организирале за да заплашуваат политички противници на денот на изборите, од Обвинителството велат дека се проверуваат наводите.

Скопје – Од утре трасата на автобуската линија 50 во Хиподром ќе биде продолжена, односно дел од возилата ќе возат до Хиподром 2 со ознака 50А.

Како што соопшти ЈСП „Скопје“, возилата на линија 50А во Хиподром ќе сообраќаат по трасата на линија 63 и ќе ги користат постоечките постојки на трасата.

Штип – Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, денеска изврши увид во целосно реновираните простории на Регионалиот центар за управување со кризи (РЦУК) Штип и оперативниот центар 112.

Како што информираат од ЦУК, двата центра се веќе подготвени за прием на новата опрема за единствениот повикувачки европски број 112 за итни ситуации.

Скопје – Новоизбраниот градоначалник на општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска, откако и официјално ја презеде новата функција, најави дека ќе работи Општината да стане модерна, инфраструктурно развиена и гордост на градот Скопје.

– Ги повикувам граѓаните да се обединиме и заедно да ја градиме Општина Гази Баба. Промените ќе ги почувствуваме многу брзо, промени кои што ќе значат подобар, поквалитетен и подостоинствен за секој граѓанин на општина Гази Баба, рече Стефковски.

Битола – Доајенот на македонското глумиште, актерот Петар Мирчевски-Пепи е  годинашен добитник на највиското признание на Општина Битола, наградата за животно дело „4 Ноември“.

Одлуката ја донесе Управниот одбор за доделување награди и признанија при Советот на Општина Битола, а ќе биде врачена на свечена академија која традиционално се организира по повод празникот на градот.

Скопје – Одржливиот развој мора да биде врвен приоритет за сите, во сите наши акции и одлуки. Ова е заклучокот од настанот организиран по повод Денот на Обединетите нации во Северна Македонија, што се одржа во Градскиот парк во Скопје, на кој присуствуваа претставници на државните институции, граѓанското општество, академските кругови и дипломатскиот кор.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање говореше за визијата на генерацијата, чија историска задача била да го обнови разрушениот свет по двете светски војни и преку Повелбата на Обединетите нации ги постави основите на новиот поредок и ја изрази споделената визија за мир и безбедност, развој и човекови права.

Љубљана – Во Словенија поради влошување на епидемиолошката ситуација интензивирана е контролата на патници во јавниот превоз, а се размислува и за воведување на дополнителни мерки, иако засега не се најавуваат од Владата.

Во изминатите 24 часа потврдени се 707 новозаболени лица, што е речиси двојно повеќе од пред седум дена. За еден ден регистрирани се 11 смртни случаи.

Брисел – Европските министри за енергија ќе се состанат утре вонредно за да дискутираат за енергетска и економска криза со која се соочува ЕУ, таборите се длабоко поделени околу начинот на справување, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Попладнево Луксембург, Австрија, Данска, Германија, Естонија, Финска, Ирска, Летонија и Холандија објавија заеднички документ во пресрет на министерскиот состанок за да ја изложат нивната заедничка позиција.

Брисел – Повеќе од половина од кинеските компании што работат во Европа (62 проценти) веруваат дека за нив е влошена политичката клима и дека, меѓу другото, за тоа се виновни „медиумските дезинформации“, што е патот што го користи и Кинеската комунистичка партија да се дискредитира критиката, пренесува Еуроактив.

Во извештајот, кој за кинеската стопанска комора во ЕУ го подготви консултантската компанија „Роналд Бергер“ се наведува дека „драстично“ е намалена „леснотијата“ на водење бизнис во ЕУ за кинеските компании. Анкетираните кинески компании се заложија за подобро деловно опкружување.

Берлин – Германија изрази „загриженост“ и „неразбирање“ по изјавата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за протерувањето на десет западни амбасадори.

Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт изјави дека Берлин не добил „официјално соопштение“од Анкара.

Сан Франциско – Раководството на Фејсбук се мешало во работата на социјалната мрежа, давајќи им на политичари привилегирана позиција при објавување, и покрај сопствените правила, пишува „Фајненшл тајмс“ цитирајќи извадоци од истрагата на „Фејсбук Пејперс“ (Facebook Papers) спроведена врз основа на сведочењето на Френсис Хоган, поранешен вработена во компанијата.

Според весникот, раководството на Фејсбук се вмешало во работата на социјалната мрежа, дозволувајќи им на американски политичари и ѕвезди од шоу-бизнисот да објавуваат што сакаат без никакви ограничувања.

Лондон – Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах постигна хет-трик на вчерашниот натпревар во Премиер лигата против Манчестер Јунајтед (5:0). Ова се 105., 106. и 107. голови на Египќанецот во Премиер лигата.

Салах постави рекорд за овој индикатор кај африканските играчи. Тој го победи поранешниот напаѓач на Челзи и Брегот на Слоновата Коска, Дидие Дрогба (104 гола). Третиот Африканец кој постигнал 100 или повеќе голови во Премиер лигата е соиграчот на Салах и Сенегалецот Садио Мане (100 гола).

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close