МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 октомври 2022

4 октомври 2022

Скопје – Во Собранието денеска почна продолжението на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која членовите дискутираат за кандидатурата за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен за уставен судија од страна на владејачките партии.

Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелацискиот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.

Скопје – Новинарски текстови и мултимедијални продукти од социјален карактер кои имаат за цел да поттикнат теми од јавен интерес и соработка помеѓу новинарската фела, беа презентирани денеска од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Гете институт Скопје.

Четирите новинарските содржини се изработени во соработка и мониторирани од страна на тричленото жири во состав Анета Додевска, Филјана Кока и Теофил Блажевски.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со амбасадорот на Австрија, Георг Вуцас, и претставници на текстилната компанија „Текспорт“, на која разговараа за предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија во исполнување на предвидениот план за работа, потребата од прекувремена работа поради недостиг од работници кои се квалификувани и заинтересирани да се вклучат во производствената дејност.

Како што соопшти МТСП, сопственичката на „Текспорт“ ја истакна потребата од нови вработувања во нејзината компанија со цел постигнување на побарувачката на готови производи во компанијата.

Скопје – Досегашниот член на Абдурауф Пруси на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември” е изгласан за нов претседател на овој Одбор на денешната 20. седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Пруси доаѓа на местото на досегашниот претседател на Одборот Етем Азири, кој поради лични причини побарал да биде повлечен од функцијата.

За нови членови на овој Одбор беа изгласани Соња Ивановска од Филолошкиот факултет при УКИМ и Џејлане Арифи, дипломиран професор по Природно-математички науки, по предлог на Министерсвото за култура.

Скопје – Подготовката на логистика за зголемен потенцијален железнички транспорт од Солунското пристаниште, била тема на денешната средба во Солун на раководствата на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, ЈП ЖРСМ Транспорт, Солунското пристаниште и Грчките железници.

-Состанокот е заради сеопфатна подготовка за зголемен потенцијален железнички транспорт од Солунското пристаниште. Договорени се нови протоколи и процедури за работа во кризно време и одговор на сите потреби во такви околности, изјави за МИА Хари Локвенец, директор на ЈП МЖ Инфраструктура.

Скопје – Проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ денеска ќе го отвори 19-тото издание на „Балканима“ – Европски филмски фестивал на анимираниот филм што ќе се одржи во Белград.

Проектот се состои од изложба на артефакти и филмска проекција на кратки анимирани филмови создадени во периодот од 1971 до 1991 година од пионерите на македонскиот анимиран филм: Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатовиќ, Мирослав Грчев и Милутин Рогановиќ.

Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска разговараше со шефот на Делегацијата на Европската унија во Белград, Емануел Жофре, кој ја повтори „преовладувачката позиција на Брисел за воведувањето санкции против Русија“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Амбасадорот Жофре го повтори преовладувачкиот став на Брисел кога станува збор за усогласување на надворешната политика на Србија со агендата на ЕУ и воведувањето санкции против Руската Федерација и изрази подготвеност да соработува со нашата земја во однос на решавање на отворените прашања, кои се од клучна важност за натамошниот напредок на Србија на патот кон евроинтеграциите, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ.

Атина – Потпишаниот меморандум за разбирање за јаглеводороди меѓу Турција и Либија, предизвика реакции во Грција, а официјална Атина смета дека во конкретниот морски дел Грција има суверени права, јави дописничката на МИА од Атина.

Вчерашниот меморандум за разбирање за јаглеводороди меѓу Турција и Либија доаѓа по потпишаниот турско- либиски меморандум од 2019 година за морските зони.

Тирана –  Премиерот Еди Рама изјави дека „заедницата на Иранци во животна опасност“ е засолнета во Албанија и тие се тука од хуманитарни а не од  политички причини. 

Рама во телевизиско интервју рече дека на оваа заедница и било  јасно кажано дека „мора да се однесува во рамки на договорот“. 

Женева – Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел доби награда за нејзината улога во начинот на кој нејзината земја прифати над 1,2 милиони бегалци и луѓе кои бараат азил во 2015 и 2016 година. За ова денеска во Женева информираше агенцијата за бегалци на Обединетите Нации, јави ДПА.

„Д-р Меркел покажа што може да се постигне кога политичарите го преземаат вистинскиот курс на дејствување и работат за да најдат решенија за светските предизвици, наместо само да ја префрлат обврската на други“, соопшти Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).

Стразбур  – До крајот на 2024 година, сите мобилни телефони, таблети и камери што се продаваат во ЕУ мора да бидат опремени со влез за полнење USB Tип-C.

Од пролетта 2026 година оваа обврска ќе важи и за лаптопите. Новиот закон – усвоен на пленарната седница на Европскиот парламент со 602 гласа за, 13 против и осум воздржани – е дел од пошироките европски напори да се намали количеството на е-отпад и да се поттикнат потрошувачите да прават поодржливи избори, јави дописникот на МИА.

Back to top button
Close
Close