МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 октомври 2021

22 октомври 2021

Скопје – Подготовките за претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, како и севкупната соработка со Организацијата, беа тема на разговор на средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата истакна дека нашата држава високо ја цени долгогодишната соработка и дијалог со ОБСЕ и посочи на значајниот придонес на Мисијата на Организацијата во Скопје во поддршката на реформските процеси и во функција на севкупниот напредок на државата и исполнување на нејзините европски аспирации.

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска заедно со Михаела Матуела од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и проширување, надлежна за Северна Македонија и Албанија, копретседаваше со годишниот состанок на Заедничкиот мониторинг комитет, како највисоко тело во рамки на користењето на ИПА фондовите.

Како што соопшти СЕП, со цел да се направи преглед на спроведувањето на средствата алоцирани преку ИПА, вицепремиерот Димитров нагласи дека наодите од Извештајот на Еврокомисијата за Северна Македонија ќе се користат како референтна точка за рационализирање и управување со реформите кои произлегуваат од европската агенда за да ги обезбедиме европските стандарди за нашите граѓани преку ЕУ фондовите.

Скопје – Кандидатотот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата, Горан Герасимовски, го претстави социјалниот пакет за граѓаните. Тој денеска вети дека како локална власт ќе обезбедат услуги за поддршка на семејствата од најмладите до највозрасните членови.

Герасимовски најави субвенционирање од 50 отсто на месечните трошоци за згрижување деца во градинка и оброк за учениците од основните училишта во општина Центар, како и финансиска помош за младите.

Скопје – Во седиштето на Алијансата, делегација од Министерството за одбрана имаше средби со претставници на НАТО – агенцијата за набавки и Агенцијата за комуникации и информации на Алијансата, на кои, како што информираат, станало збор за воспоставување на уште поефикасна комуникација и координација помеѓу Центарот за поддршка на компании и овие две НАТО – агенции.

Од Министерството за одбрана, информираат дека целта на Центарот за поддршка на компании во министерството е да може на сеопфатен начин да им помогне и да ги поддржи домашните компании во учеството на тендерите објавени за потребите на Алијансата и земјите – членки чија вредност достигнува околу 5 милијарди  евра годишно.

Скопје – Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив информира дека во организација на Израелската агенција за меѓународна развојна соработка (MASHAV) ќе се одржи виртуелен курс насловен „Педагошки иновации“.

Како што објави Министертството за образование и наука, курсот ќе се реализира во периодот од 18 ноември до 16 декември 2021 година, во вкупно пет сесии.

Скопје – Кандидатката за градоначалник на Центар од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Наташа Котлар-Трајкова, соопшти дека планира во општината првпат да се формира центар за ментално здравје со дневен претстој за деца со аутизам, Даунов синдром и други попречености.

– Во центарот ќе се вработат дефектолози, педагози, психијатри и негуватели. Целта е децата да напредуваат и да се интегрираат во општеството, рече Котлар.

Скопје – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува до крајот на годинава да имаат предлог за новиот закон за градење и верува оти ќе се донесе најдоброто решение за сите страни.

Бочварски во обраќањето на стручната расправа за новиот предлог-закон за градење, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, истакна дека со предлогот на законот за градење ќе се овозможи и стимулира просторниот и економски развој, ќе се стимулира инвестирањето во градењето, ќе се зајакне улогата на стручната јавност и правата на странките, но и ќе се овозможи разрешување на голем број наталожени проблеми кои постојано се јавуваат во оваа област.

Скопје – ЈСП Скопје од понеделник (25.10.2021 ќе стартува автобуска линија 29 која ќе сообраќа од Жданец, преку Трнодол, до Карпош 3 („Сити мол“) и обратно.

– Линијата ќе профункционира на барање на жителите на Жданец и Трнодол, за да им се олесни пристапот до централниот дел на општината и градот, а истовремено и како предлог решение за организиран јавен превоз од/до посочените населени места, имајќи го во предвид проектот за новата мрежа на линии од јавниот транспорт во Градот Скопје, соопшти ЈСП Скопје.

Брисел – Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, рече дека вчера ја отворил темата за Западен Балкан и посебно за тензиите во Босна и Херцеговина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Пленковиќ и неговите колеги разговарале за самитот во Брдо при Крањ кој се одржа на шести октомври и за Западниот Балкан.

Кишињев  – Премиерката на Молдавија, Наталија Гаврилица, денеска ја повика Комисијата за вонредни состојби во земјата да воведе вонредна состојба поради недостиг на гас.

Таа  рече дека по брифингот, Комисијата ќе биде овластена да донесува одлуки.

Москва – Шеснаесет лица загинаа во денешната експлозија и пожар во фабрика за барут во регионот Рјазан во Русија, јавија локални медиуми.

Според Министерството за вонредни ситуации, причина за пожарот е веројатно „нарушување на технолошкиот процес и мерките за безбедност“.

Пекинг – Кина денеска соопшти дека „нема простор за компромис“ за кинеските интереси по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дека САД се подготвени воено да го бранат Тајван во случај на инвазија на Пекинг.

– Кина нема да остави простор за компромис за прашања поврзани со своите основни интереси, како што се суверенитетот и територијалниот интегритет, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.

Москва – Грчката тенисерка Марија Сакари го обезбеди настапот на ВТА завршниот турнир, откако обезбеди пласман во четвртфиналето на турнирот во Москва со победата над Русинката Ана Калинскаја.

Противничка на Сакари во четвртфиналето во Москва ќе биде Романката Симоне Халеп.

Њујорк – По повод 75. годишнината од своето формирање, НБА лигата синоќа објави листа со 76 кошаркарски легенди, меѓу кои најзвучни имиња се Мајкл Џордан, Леброн Џејмс, Карим Абдул – Џабар, Вилт Чемберлен и Бил Расел.

Остин – Четирикратниот светски првак во Формула 1, Германецот Себастијан Фетел, ќе ја почне трката за Големата награда (ГН) на САД, која овој викенд ќе се вози во Остин, со казна од десет стартни позиции.

Астон Мартин, екипата за која вози Германецот, мораше да го замени моторот на болидот по четврти пат оваа сезона, што не е дозволено, и резултираше со казна од десет стартни места од позицијата, која ќе ја оствари по саботните квалификации.

Скопје – Во сабота ќе се задржи релативно топло време, по одделни котлини ќе има појава на утринска магла и ниска облачност. Преку денот ќе има зголемена облачност, а попладне и во текот на ноќта во северните делови ќе има локален дожд. Утре попладне и во недела долж Повардарието ќе дува засилен северен ветер.

Од недела следува период на посвежо време со ниски утрински температури кои од вторник на повеќе места ќе бидат околу нулата.

 

 

Изборот

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close